СПОРЕН ПЕНАЛ Ѝ ПОМОГНА НА АНГЛИЈА ДА СЕ ПЛАСИРА ВО ВТОРОТО ФИНАЛЕ НА ЕП

    СПОРЕН ПЕНАЛ Ѝ ПОМОГНА НА АНГЛИЈА ДА СЕ ПЛАСИРА ВО ВТОРОТО ФИНАЛЕ НА ЕПВоткинс и Кејн го слават пласманот на Англија во финалето (Фото: АП)

    Три години по поразот од Италија во финалето, Англија доби нова шанса за освојување на својата прва европска титула откако ја победи Холандија со 2:1 во второто полуфинале на Европското првенство во Германија.

    Мечот се движеше кон продолженија, кога Оли Воткинс го совлада холандскиот голман Фербруген во првата минута од судиското надополнување, само десет минути откако влезе во игра. Иако еден од најдобрите играчи во Премиерлигата минатата сезона, Воткинс доби малку шанса од селекторот Саутгејт на ова ЕП, па претходно одигра само 20 минути на натпреварот со Данска.

    Не сонував за ова, да бидам искрен. Постигнување гол за Англија е неверојатно, но не очекував дека ќе биде вака“, изјави Воткинс по средбата.

    Друг клучен момент се случи во 18. минута, кога Кејн израмни на 1:1 по пеналот што беше досуден со помош на ВАР. Холандскиот селектор Роналд Куман ја критикуваше таа одлука, исто како и некои англиски коментатори.

    Според мое мислење, тоа не требаше да биде пенал. Кејн ја удри топката и потоа нивните копачки се допреа. Ова е одлука на ВАР и тоа го скрши фудбалот“, изјави Куман.

    Бившиот англиски дефанзивец Гери Невил, кој сега коментира за „Ај-Ти-Ви“, изјави дека тоа беше срамна одлука на судиите.

    Нема шанси тоа да е пенал. Думфрис природно се обиде да го блокира ударот. Според мене, тука нема пенал“, кажа Невил.

    Во финалето во Берлин, што се игра в недела од 21 часот, Англија ќе се сретне со Шпанија, која во вторникот ја победи Франција со 2:1.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира