ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ПРЕДЛАГА ДА СЕ СЛУЖИ ВОЈСКА ДОБРОВОЛНО, А ТАКВА МОЖНОСТ ВО ЗАКОНОТ ЗА СЛУЖБА ВО АРМИЈАТА ПОСТОИ УШТЕ ОД 2010

    ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ПРЕДЛАГА ДА СЕ СЛУЖИ ВОЈСКА ДОБРОВОЛНО, А ТАКВА МОЖНОСТ ВО ЗАКОНОТ ЗА СЛУЖБА ВО АРМИЈАТА ПОСТОИ УШТЕ ОД 2010Има луѓе кои би сакале да служат воена обврска, доброволно, зошто тоа да не го овозможиме“, рече Сиљановска-Давкова, која е и врховна командантка на Армијата. (Фото: Претседателка на РСМ)

    Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предлага да се воведе доброволно служење воен рок, а таква можност веќе постои уште од 2010, кога е донесен Законот за служба во Армијата. Сиљановска-Давкова денеска предлогот го даде во изјава при посета на показната вежба на припадниците на Армијата од Баталјонот на специјални сили во Кампот за обука на вода во Охрид.

    „Има луѓе кои би сакале да служат воена обврска, доброволно, зошто тоа да не го овозможиме. Мислам дека тогаш и односот кон Армијата ќе биде попозитивен. Треба да се отвори темата, да се разговара, треба да се слушнат аргументите, да се тестира расположението кај луѓето“, рече претседателката Сиљановска-Давкова, која е и врховна командантка на Армијата..

    Во членот 4 од Законот за служба во Армијата стои:

    1.Воениот персонал врши служба во Армијата со засновање на работен однос со Министерството за одбрана, со школување на Воената академија, односно стручно оспособување и усовршување за офицер, односно подофицер, содоговорен однос и со доброволно служење на воениот рок.

    2. Служба во Армијата, со засновање работен однос со Министерството заодбрана, вршат воени старешини офицери, односно подофицери и професионални војници.

    3. Служба во Армијата со школување, односно стручно оспособување и усовршување за офицери, односно подофицери, вршат питомци на Воената академија и лица на стручно оспособување и усовршување за офицери, односно подофицери.

    4. Служба во Армијата вршат војниците на доброволно служење на воениот рок.

    5. Служба во Армијата со договорен однос врши активната резерва.

    6. Цивилен персонал врши служба во Армијата со засновање работен однос со Министерството за одбрана.

    По изјавата на претседателката Сиљановска-Давкова, ексминистерката за одбрана Славјанка Петровска реагираше дека е скандалозно претседателката на државата и врховна командантка на Армијата да повикува на дебата за доброволно служење на воен рок, а да не знае дека таа одредба веќе одамна постои во Законот за служба на Армијата.

    „Прво не знаеше дека Претседателот на државата е и Врховен командант на Армијата, потоа неколку пати го прекрши протоколот, а прекршување на протоколот е непочитување и кон Армијата и кон државата, и денес повторно непознавање. И да, има голема разлика помеѓу доброволно и задолжително служење воен рок, ама за тој што знае“, објави Петровска на својата фејсбук страна.

    Во дел од земјите од регионот се отвори дебата за враќање на задожителниот воен рок. Во февруари годинава, тогашната министерката на одбрана Петровска изјави дека во земјава нема потреба од задолжително одење во војска ,бидејќи нема безбедносна закана кон државата.

    „Враќањето на задолжителен воен рок би барало значителни финансиски ресурси. Подеднакво клучно е влијанието врз поединците кои ќе наполнат 18 години, кои би биле настрана од пазарот на трудот и образовните определби. Ова може да се покаже штетно и за младите и за државата“, рече Петровска.

    Во Македонија задолжителниот воен рок беше укинат во 2006, кога служеше последната класа. Една година пред тоа, во Собранието се изгласа парламентарната иницијатива за укинување на воениот рок и создавање мала професионална и модерна армија според стандардите на НАТО.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира