Шеесет и четвртото издание на Охридско лето почнува вечерва (21 часот) на Античкиот театар, со концертот на виолинистот Џулијан Рахлин од Литванија и Филхармонијата. Рахлин ќе биде и диригент.
На програмата се Концертот за виолина и оркестар во е-мол оп. 64 од германскиот композитор Феликс Менделсон и класичната Увертира-фантазија „Ромео и Јулија“ од рускиот композитор Петар Илич Чајковски.
Рахлин првпат настапи со Филхармонијата во 2017, на Божиќен концерт во Скопје. Тој е музички раководител на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Кристијансанд и прв гостин-диригент на Филхармонискиот оркестар во Турку. Над 30 години работи како диригент, солист, камерен музичар, педагог и уметнички раководител.
Како најава за свеченото отворање, синоќа во црквата „Света Софија“ во соработка со Музичката младина на Македонија се одржа Подиумот на млади уметници на кој виолинистката Памела Велкова и пијанистите Ивана Мазнејкова, Ана Мазнејкова и Доминика Робе изведоа дела од Бах, Бетовен, Шопен, Давиташвили, Прокофјев и Изаи.
Античкиот театар, Долни Сарај, црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, како и Центарот за култура „Григор Прличев“ и годинава ќе бидат локациите каде до 20 август ќе се одржува фестивалот.
„Ќе пречекаме над 500 уметници од 24 земји: Србија, Литванија, Словенија, Германија, Австрија, Велика Британија, Италија, Јапонија, Русија, Чешка, Венецуела, Бразил, Шпанија, Црна Гора, САД, Хрватска, Словачка, Романија, Грција, Кина, Полска, Франција, Белгија и секако, уметници од Македонија“, вели директорката на Фестивалот, Наташа Поповиќ.
М. ЏАРОВСКА