ГИ БРКАМЕ БОГАТИТЕ ТУРИСТИ ОД ОХРИД – ПОДКАСТ СО ПРОФЕСОРОТ ЗОРАН ТУНТЕВ

    ГИ БРКАМЕ БОГАТИТЕ ТУРИСТИ ОД ОХРИД – ПОДКАСТ СО ПРОФЕСОРОТ ЗОРАН ТУНТЕВ„Нам ни требаат квалитетни гости кои на дневна база ќе трошат 100 евра“, вели Тунтев. (Фото: СДК.МК)

    Професорот Зоран Тунтев од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид жали што интересот на студентите за запишување на овој факултет е сè помал. Во подкастот на САКАМДАКАЖАМ.МК „За секого по нешто“, снимен во Охрид, вели дека кадрите што ги нуди Факултетот за туризам не се директно поврзани со туристичкиот сектор.

    Подкастот со професор Тунтев можете да го гледате тука:

    „Кадар нема во ниеден сектор во Македонија, па нема ни во туристичкиот кадар, тоа е болка што е почната одамна“, вели Тунтев.

    Според него, во Охрид може да се развие елитен туризам наспроти народски речено „патлиџан туризмот“.

    „Основата ја имаме за елитен туризам, но тој мора да се надгради за да може да се продаде. Треба да повнимаваме на ова што го имаме, да го спакуваме соодветно, да го понудиме на целна група. Години наназад ние сме погрешно наместени, како исчашени сме на мапата на туристичкиот пазар и затоа имаме таканаречени баби и жаби“, вели професорот Тунтев.

    Тунтев вели дека го боли „окупацијата“ на Охрид во времето околу Илинден, кога градот е најполн.

    „За 2 Август Охрид е нападнат, под инвазија токму 26 дена, плус-минус. Некаде од крајот на јули до 10 август, ајде да употребам неприкладен збор, Охрид е ‘силуван’. Во Охрид има 100 ресторани, кафетерии и ноќни клубови. На рестораните им велите до 23 часот да ја затворат кујната и до полноќ да завршат. А на ноќните клубови, на рестораните за брза храна, на панаѓури со прегласна музика им давате шанса да работат цело време. Фејсбук ме потсети дека пред 15 години сум коментирал дека Охрид за Илинден изгледал како фестивал на труба во Драгачево. За побогатите туристи, кои би порачале уште едно шише скапо вино и би слушале анплагд музика им викаме ‘одете си дома’, а ги оставаме тие што за 100 денари ќе спијат по клупите, ќе јадат бурек и ќе седат до 5 сабајле на шунд музика“, вели Тунтев.

    Според него, додека има панаѓури по кејот, елитниот туризам е научна фантастика.

    „Нам ни требаат квалитетни гости кои на дневна база ќе трошат 100 евра“, додава Тунтев.

    Тој ја памети рекламата со келнерот од ендемски вид за која вели дека била смешна, но генерализацијата како во рекламата, според него е погрешна. Охрид, вели Тунтев, го прославиле скечевите на К-15.

    Во 1993, тој почнал да работи како туристички водич, а до скоро издавал и приватно сместување. Вели дека голема грешка направил откако претерал со раскажувањето за историјата на охридските цркви, која на американските туристи им е здодевна.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира