Џо Бајден одлучил да се повлече од претседателската трка откако 48 часа ги анализирал анкетите, сфаќајќи дека му се намалуваат шансите за победа на изборите, кажаа два извора за „Ројтерс“. Тој ги известил своите најблиски соработници за одлуката за повлекување непосредно пред да ја објави јавно во вид на писмо синоќа.
Само ден порано, Бајден ги уверувал своите соработници дека ќе продолжи со кампањата и според еден извор, пораката била да се оди со сите сили напред. Сепак, тој се премислил откако во саботата навечер ги процесуирал резултатите од анкетите.
„Најблиските соработници во саботата вечер му укажале дека не само што заостанува во сите шест клучни неодлучни сојузни држави, туку и паѓа на места како Вирџинија и Минесота, каде што Демократите веќе не планирале да трошат големи средства“, изјави еден извор.
Бајден ги помина изминатите денови во изолација во својот дом во Делавер откако имаше позитивен тест за ковид-19, додека истовремено се соочуваше со силен притисок да се повлече од изборната трка, што почна по лошата дебата со Доналд Трамп минатиот месец.
Бајден и потпретседателката Камала Харис разговарале повеќепати вчера, кажа еден извор. Во објавата за своето повлекување, Бајден ѝ даде полна поддршка на Харис, која веќе почнала да се подготвува за кампањата.
Водството на Републиканската партија го повика Бајден веднаш да поднесе оставка од претседателската функција, откако тој најави дека ќе го одработи мандатот до јануари 2025.
„Кој ја води земјата сега? Расипаниот Џо сигурно не, тој нема поим каде се наоѓа. Ако не може да учествува во кампањата, не може ни да ја води земјата. Бајден никогаш немал ковид. Тој е закана за демократијата“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.