Малата акумулација во непосредна близина на штипската приградска населба Три чешми преку ноќ останала без вода затоа што водата била потрошена за наводнување на неколку околни лозови насади. Тие сега пливаат во вода, а браната е на крајниот минимум па во прашање се доведува опстанокот на рибите кои се пред масовен помор ако браната не се наполни со вода.
Токму и заради тоа револтирани се и рибарите кои уште пред неколку месеци неколку пати ја порибувале мини браната, но најреволтирани се жителите од населбата кои секоја години редовно ја користеле водата за техничка употреба и за тоа си плаќале.
Повеќе децении од изградбата на оваа брана, над 1.000 семејства од Три чешми до своите дворови инсталирале водоводна мрежа исклучиво за техничка употреба за да не се троши водата за пиење од градскиот водовод на Штип. Но, како што секнала водата од браната така секнале и славините од водоводната мрежа за техничка употреба.
„Урбаната заедница Три чешми нема никаква информација и не знаат веќе кому да се обратат. Од вработени во подружницата ни беше кажано дека водата од браната се испразнила оти таква била наредбата на некој од раководството да наводнат одредени лозови насади и дека до крајот на сезоната нема повторно да се полни“, вели Трајче Гогов.
Првите луѓе на подружницата одговорија дека во целиот каналски систем водата е недоволна, дека случајот ќе се испита и дека од раководството нема наредба за празнење на браната. Тврдат дека во наредните денови ќе се наполни мини браната чиј капацитет е 70 илјади кубни метри вода. Еден дел од водата ќе се троши за основната намена во земјоделството во атарот на селото Криви дол, а еден дел за техничка вода за потребите на жителите во Три чешми.
Т. ЈОВАНОВСКИ