Антикорупциската комисија ќе ја проверува имотната состојба на генералниот секретар на Владата Игор Јанушев. Од Антикорупциска за државната агенција МИА потврдија дека отвориле предмет во врска со имотната состојба на Јанушев. Иницијативата за проверка била покрената по пријава од Управата за финансиско разузнавање, која сугерира дека Јанушев можеби не го пријавил сиот свој имот во анкетниот лист.
Во анкетниот лист Јанушев пријавил дека во 2023 година по основ на договор за подарок се стекнал со градежно изградено земјиште од 165 м2 во скопската Општина Центар. Според пријавеното, вредноста на земјиштето изнесува 20 милиони денари, или 325 илјади евра, и е со намена А2-2 станбено-деловна зграда.
Во меѓувреме, Jанушев во анкетниот лист напишал дека во 2023 година се стекнал со стан од 165 м2 во скопската Општина Центар кој чини околу 325 илјади евра. Тоа што во првичната објава на листот било впишано дека се работи за градежно изградено земјиште е грешка. Тој на својот фејсбук профил напиша дека„не постои никакво подарено земјиште … има погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од моја страна“.
Од владата информираа дека се работи за подарок добиен од родителите на Јанушев.
Портпаролката на опозициската СДСМ на прес-конференција кажа дека имотот кој му бил подарен на Јанушев, вреден 325.000 евра, е составен дел од зграда во најстрогиот дел од центарот на Скопје. Имот во оваа зграда, како што рече, покрај Јанушев имал и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
И Тошковски на фејсбук напиша дека изнесените информации од СДСМ се невистинити и дека го пријавил целиот имот.
Игор Јанушев беше назначен за генерален секретар на првата седница на новата влада минатиот месец, а беше пратеник во претходниот состав на парламентот.
Во септември минатата година беше неправосилно осуден на две години затвор условно за пропусти при набавката на кинеските автобуси во случајот на поранешното СЈО познат како „Дизајн“. Јанушев беше директор на ЈСП во 2010 година кога беше направена набавката на двокатните автобуси.
Сепак, пресудата немаше никакво значење, бидејќи еден ден претходно Собранието го избриша ставот 5 од членот 353 од Кривичниот законик според кој беше осуден Јанушев.