Ред музика, ред дефиле и малку мода, 33. Олимписки игри во Париз се отворија со уникатната спектакуларна церемонија на и околу реката Сена, при што се славеа различностите и политичката и културната историја на Франција. Стотина бродови и чамци со спортистите и делегациите во врнежливи услови пловеа по шесткилометарската маршрута на Сена, пред да финишираат на Трокадеро близу Ајфеловата кула, која блесна во неверојатно ласерско шоу.
По долга неизвесност и финалната прошетка на факелот во рацете на француски спортски легенди, олимпискиот оган беше запален во голем воздушен балон што летна над градот.
Во музичката програма настапија Леди Гага, Селин Дион, метал бендот „Гоџира“, оперската пејачка Моника Виоти и француската поп ѕвезда Аја Накамура, а Сена во еден сегмент од церемонијата беше претворена во подиум за танцување.
Игрите во Париз се првите кои постигнаа целосна родова еднаквост, па ќе настапат 5.250 спортисти и исто толку спортистки. Македонија ќе има шестмина претставници, од кои први на борилиштата излегуваат пливачот Никола Ѓуретановиќ и стрелачката Анастасија Мојсовска, чии настапи се на програмата утре.
Се проценува дека цената на организацијата е девет милијарди евра и се најавува дека ова ќе бидат најзелените ОИ во историјата, при што се изградени само две нови спортски арени.