Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов апелира до сите сопственици на куќи и викендици во планински и напуштени села, да направат мек противпожарен појас околу имотите.
Во моментов има 14 активни пожари, а под контрола се 5 тешки пожари.
„Ги повикувам сите жители на селата кои можат да бидат зафатени од пожари, да направат противпожарни појаси околу селата, широки по 20 метри, ораници од големи трактори и некаде да се исчисти со булдожер. Не можеме да претпоставиме каде ќе избие нов пожар. Проблем е силниот ветер, за жал прогнзоите се дека ќе продолжи да дува и понатаму. Сувата вегетација и високите температури ќе придонесат за нови пожари“, рече Ангелов.
Директорот на ЦУК апелираше до земјоделците да прекинат со палењето на стрништа и пасишта, бидејќи, како што вели, тоа може да биде како обид за убиство.
„Ќе навлезе во шума, во село и може да убие човек“, кажа Ангелов, додавајќи дека неколку пожари се намерно подметнати, но вчера детектирале и појава на пожари од искрење на електрични жици.
„Вчера имавме тешки и опасни моменти. Загрозени беа животите на луѓето, а некои жители не сакаа да ги напуштат домовите иако огнот беше многу близу. Едноставно, од страна на пожарникарите, се проверуваа и дел од загрозените од пожарот куќи, за некој жител случајно да не останал.Тешко им беше да ги напуштат домовите“, велат од ЦУК.
Вчера едно лице загина во пожарот кој го зафати кумановското село Кокошиње. Како што соопшти ЦУК, пожарот кој брзо се ширел поради ветерот ја зафатил куќата во која живеело загинато лице заедно со сопругата.
Б. НЕСТОРОСКА