НЕ СЕ ОШТЕТЕНИ ТЕСТОВИТЕ И РЕАГЕНСИТЕ КОИ БЕА ВО ИСКЛУЧЕНИТЕ АПАРАТИ НА ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    НЕ СЕ ОШТЕТЕНИ ТЕСТОВИТЕ И РЕАГЕНСИТЕ КОИ БЕА ВО ИСКЛУЧЕНИТЕ АПАРАТИ НА ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕМолекуларните тестови за детекција на голема кашлица, како и подлогите за култивација на бактерии, антибиотиците за изготвување на антибиограми и сите реагенси кои се наоѓаа во исклучените фрижидери, се функционални. (Фото: К. Попов)

    Исправни се тестовите за голема кашлица и реагенсите кои се наоѓаа во фрижидерот и коморота на Одделението за бактериологија кои завчера беа исклучени, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Оттаму велат дека веднаш бил направен увид на подлогите за работа, реагенсите и антибиотиците за антибиограм, од комората и фрижидерот кои беа исклучени од електрично напојување.

    „Вчера беа направени сите неопходни микробиолошки анализи за проверка на квалитетот и исправноста на истите, а за добивање на резултат беа потребни 24 часа. Денес, прочитани се добиените резултати и согласно истите се установи дека молекуларните тестови за детекција на голема кашлица, како и подлогите за култивација на бактерии, антибиотиците за изготвување на антибиограми и сите реагенси кои се наоѓаа во исклучените фрижидери, се функционални и може да се продолжи со нормално функционирање на одделението за бактериологија“, велат од ИЈЗ, додавајќи дека се преземени дополнителни мерки за унапредување на биолошката сигурност.

    Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера соопшти дека на  31 јули околу 17 часот, во СВР Скопје било пријавено од Институтот за јавно здравје дека на 31 јули во временскиот период од 14:30 до 16 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести. Полициски службеници од СВР Скопје излегоа на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот, а Јавното обвинителство соопшти дека итно оформи предмет по допрен глас за да испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело.

    Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска вчера рече дека во исклучената комора се чуваат доста значајни реагенси со кои би детектирале разни заболувања и дека се испитуваат сите еден по еден да видат дали има оштетувања.

    „Констатиравме дека фрижидерите се исклучени директно од бушоните во разводните табли во тој ходник каде поминуваат сите кои тука работат. Не се работи само за тоа дека ќе имаше огромна материјална штета, туку тоа ќе предизивика општа опасност по здравјето и животот на граѓаните. Како на пример, среде епидемија на голема кашлица, да немаме реагенси, кои и онака се недоволни“, кажа вчера таа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира