Пред шалтерите во зградата на Општина Тетово секој ден голем број жители доаѓаат за да се информираат зошто им се покачени сметките за данок на имот. Новите сметки кои се однесуваат за данокот на имот за 2024 година се за 100 проценти повисоки, а некаде и повеќе, од оние што ги плаќале во изминативе години.
За ваквото поскапување Општина Тетово досега никаде не даде информација на што се должи ова, па затоа револтот кај граѓаните е навистина голем.
„Досега за мојот стан сум плаќал данок на имот во висина од 1.000 денари, а сега ми дошло да платам 2.200 денари. Сега треба да платам и за подрумот, и за дворното место и за којзнае уште што. Ова е покачување за над 100 проценти и не знам зошто е ова направено“, вели еден жител.
„Ај што ми дошло дупло повеќе да платам отколку што сум плаќал со години, сега ми дошла сметка да платам за куќата која е на мое име, а исто така ми дошло сметка да платам за истата куќа но сега на име на мајка ми која е почината и куќата е префрлена на мене“, вели друг граѓанин.
„Овде сме поради покачување на цената на данокот. Досега плаќав 2.100 денари, а сега ми дошло да платам 5.350 денари. Нормално е дека оваа цена е многу висока. Овде на шалтерот ми рекоа дека јас не живеам во тој стан и затоа плаќам повеќе. Ова е навистина многу“, вели тетовец во редицата.
Од Секторот за финансии наОпштина Тетово велат дека не станува збор за покачување на износот на данокот на имот, туку дека само е направена валоризација на имотот на граѓаните, кое според раководителот на Секторот е законска обврска на Општината и треба да се прави на секои 4 години, а која обврска досега со години не е направена.
„Ние како Општина со закон сме обврзани секои 4 години да извршиме ревалоризација на сите имоти кои се под Општина Тетово. За ова да го направиме ни е дадена и препорака од Државниот завод за ревизија. Всушност, нема зголемување на даноците, бидејќи ставките се исти. Така ако еден имот, на пример стан, некогаш е проценет на 200 или 300 евра за метар квадратен и досега не била направена нова проценка, односно тој податок и кој со години не бил променет, сега со новата проценка, која е врз основа на пазарната вредност, добиваме реална вредност на недвижностите во Општина Тетово. Значи, станува збор само за ревалоризација на имотите“, вели Нуредин Деари, раководител на Секторот за финансии на Општина Тетово.
Сега со новите даночни решенија тетовци ќе мора освен за просторот каде живеат, да ѝ плаќаат данок на Општината и за подрумите, за дворовите, гаражите кои ги поседуваат на нивно име.
„Вистина е дека дел од нив плаќаат повисоки сметки, но тоа е резултат и на опфатот, односно досега не биле опфатени сите имоти кои ги поседуваат, а имаат обврска да ги пријават после добивање на решението. Ревалоризацијата е извршена по Закон, а ја направиле нашите лиценцирани проценители и тие се надлежни за висината на процената на имотите. Свесни сме дека има и направено и грешки, бидејќи податоците се презееними од Катастарот, па затоа за граѓаните имаме отворено три шалтери каде ќе можат да се информираат и да поднесат жалби и приговори и каде може да се извршат евентуални корекции“, појаснува Деари.
Според Секторот за финансии во Општина Тетово, со оваа проценка се опфатени 709.000 метри квадратни само станбен простор. Оданочено е и земјоделското земјиште кое не се обработува, но ако некој сопственик донесе изјава дека нивата што е оданочена се обработува тогаш ќе се ослободи од праќање данок за тоа земјоделско земјиште.
З. АНДОНОВ