Управниот суд го проби рокот и не донесе одлука во законски утврдените седум дена дали ќе го запре оспорениот избор на претседател на Врховниот суд. Барањето за донесување времена мерка за стопирање на овој оглас што го спроведува Судскиот совет го поднесе поранешната претседателка и кандидат за нов мандат Лидија Неделкова на 20 јануари.
Во управниот суд ни рекоа дека утре ќе има одлука и за времената мерка и за тужбата од Неделкова.
На констатацијата дека рокот за одлуката за времената мерка е истечен, оттаму ни рекоа дека таква е одлуката на тројцата судии во советот.
Подносителката на тужбата против Судскиот совет Лидија Неделкова за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави: “Со оглед на составот на советот од тројца судии и со оглед на констелацијата на односите, не очекувам барањето за времената мерка и тужбата да ми бидат прифатени“.
Неделкова бара поништување на одлуките за вонредно оценување како неуставни и незаконити. Главниот нејзин аргумент во управниот спор што го поведе против Судскиот совет, како што вели, е што изборот на претседател на Врховниот суд Судскиот совет го спроведува според услови кои ги нема во објавениот оглас. Таму е наведено дека кандидатите ќе се оценуваат според последните нивни две оценки, а тоа се оценките за 2013 и 2014 година, а Судскиот совет, место како што е во огласот, спроведе вонредно оценување и кандидатите ги рангира по вонредното оценување, кое не е спомнато во огласот.
Неделкова го спори и начинот на кој е оценета, скратувањето на бодовите при оценувањето, тоа што Судскиот совет не ги зел предвид објавите на нејзините трудови во странски списанија со меѓународен импакт фактор, но и генерално за вонредното оценување што се примени за првпат во овој оглас од Страна на Судскиот совет.
С. К. ДЕЛЕВСКА