Русија им даде поддршка на Никола Груевски и Али Ахмети и го обвини Западот за манипулација на волјата на гласачите, што, според денешното соопштение на руското Министерство за надворешни работи, може да ја загрози стабилноста на целиот Балкан.
„Срамната макијавелистичка манипулација со волјата на гласачите се заканува да ја детонира ситуацијата во Македонија и да ја наруши кревката стабилност на целиот балкански регион“, соопшти руското МНР.
Москва смета дека Никола Груевски и Али Ахмети не се омилени кај Западот, кој врши влијание да се смени власта во Македонија.
„Изгледа дека се врши огромно надворешно влијание врз политичките сили во Македонија со псевдодемократски слогани. Целта е очигледна – справување со македонските политичари кои се непожелни на Запад и рекомпонирање на властите и покрај јасно изразената поддршка од гласачите за коалицијата ‘За подобра Македонија’, предводена од Никола Груевски и Демократската унија за интеграција, предводена од Али Ахмети“, додаваат од руското МНР.
Министерството верува дека политичката криза во Македонија е продлабочена и изборите на 11 декември, кои ги нарече вештачки предизвикани, не помогнале да се смири ситуацијата.