СЕ УКИНУВА ПРОЛЕТНИОТ РАСПУСТ ЗА УЧЕНИЦИТЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

    СЕ УКИНУВА ПРОЛЕТНИОТ РАСПУСТ ЗА УЧЕНИЦИТЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕИзминатиов мај, за првпат учениците имаа пролетен распуст од 29 април (понеделник) до 6 мај (недела). (Фото: К. Попов)

    Се укинува пролетниот распуст за основното и средното образование, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

    Министерството за образование и наука во јули испрати прашалник до наставниците, родителите и учениците да го дадат своето лично мислење за организирање на пролетен распуст во учебната 2024-2025, поради различните ставови во пролетниот рапуст во измината учебна година.

    „Финалните одговори на родителите и повозрасните ученици покажаа дека не сакаат пролетен распуст и оваа година нема да има. Во одговорите наведуваа дека учениците губат од континуитет, дека помалите ученици нема кој да ги чува за време на тој распуст, дека едноставно тој распуст прави повеќе компликации одошто носи бенефити“, рече министерката, одговорајќи на новинарско прашање во Булачани.

    Учебната година ќе почне на 2 септември, а освен за матурантите, за сите други ученици ќе заврши на 10 јуни 2025,

    Изминатиов мај, за првпат учениците имаа пролетен распуст од 29 април (понеделник) до 6 мај (недела). Но, тогаш учениците и родителите добија продолжен одмор. Пролетниот распуст за учениците и Велигденските празници, искомбинирани со 8 мај, денот кога се одржаа парламентарните и вториот круг од претседателските избори ги наполнија директните летови од Македонија до познатите туристички летувалишта во Турција.

    Согласно тоа како се движи бруто-домашниот производ (БДП) и согласно колективниот договор, наставниците во март идната година ќе добијат околу 12 проценти покачување на платата, изјави денеска министерката за образование Весна Јаневска.

    Одговарајќи на новинарски прашања зголемувањето на платитите на наставниците, за време на увидот на спортска сала во Булачани, Јаневска рече дека имала две конструктивни средби со СОНК, како и со група наставници.

    „Со СОНК остварив две средби. Можам да кажам дека имавме конструктивни средби и големо разбирање, но не само со СОНК, туку и поединечно со групи на наставници. Јас ги замолив и пред изборите и по изборите да имаат малку трпение. Знам што значи плата, и знам што значи да се живее од плата, но вие го знаете долгот на Министерството, го знаете долгот на државата така што за оваа година ние навистина немаме можности да преземеме некаква сериозна активност во тој правец, а јас како министер не можам да дозволам на моите наставници да им се покачи платата за 200-300 денари. Простете што велам мои, но јас сум одговорна за нив и тие се мои. Но, направени се сериозни разговори во Владата и со министерката за финансии и тие во март следната година ќе добијат според тоа како се движи БДП и според колективниот договор покачување од 10-12 проценти. Мислам дека тоа ќе биде 12 проценти покачување на платата“, кажа Јаневска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира