ПЕТ МЕСЕЦИ ЗАТВОР ЗА ЖИТЕЛ НА ГОРНО ОРИЗАРИ КОЈ НА 21 ЈУЛИ ПРЕДИЗВИКА ПОЖАР ВО ВЕЛЕШКО

    ПЕТ МЕСЕЦИ ЗАТВОР ЗА ЖИТЕЛ НА ГОРНО ОРИЗАРИ КОЈ НА 21 ЈУЛИ ПРЕДИЗВИКА ПОЖАР ВО ВЕЛЕШКООбвинетиот ги признал делото, по што судија на Основен суд Велс го прогласи за виновен и му изрече затворска казна. (Фото: СДК.МК)

    Пет месеци затвор доби 25-годишниот жител на Горно Оризари С. Ц. за предизвикување пожар. Обвинетиот ги признал делото, по што судија на Основен суд Велс го прогласи за виновен и му изрече затворска казна. Нему му е продолжен притворот. С. Ц. беше обвинет за кривичното дело „Предизвикување општа опасност“.

    „Обвинетиот предизвикал значителна опасност по животот и телото на луѓето и по имотот во околните села. Опасноста да биде предизвикана штета од големи размери со ваквите дејствија на обвинетиот е особено изразена со оглед на алармантната состојба со пожарите во околината на Велес и на територијата на целата држава“, кажа обвинителката Анасасија Миланова во нејзиниот завршен збор.

    Според обвинението, С. Ц. на 21 јули на дива депонија во селото со умисла предизвикал пожар, палејќи стари седишта од автомобил. Бидејќи местото било обраснато со сува трева, а на депонијата имало и бали суво сено и други предмети, огнот брзо се проширил и зафатил голема површина.

    Министерството за внатрешни работи (МВР) од 6 август со дронови следи движење по шумите кое е забрането од 15 јули, ненамерно предизвикување пожар поради несовесност и намерно подметнување пожари.

    „Со воведувањето на овие оперативни мерки, се очекува не само да се зголеми ефикасноста во делот на раното предупредување и лоцирање на евентуалните пожари, туку и детектирање на можните причини или причинители“, вели МВР.

    По изјавата на директорот на Центарот за управување на кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов дека 40 нови пожари има секој ден, јавноста бара МВР против сторителите да поднесува кривични пријави до Обвинителството по најстрогите затворски казни пропишани во Кривичниот законик.

    Од Обвинителството велат дека проблемот се доказите. Ако полицијата има докази, видеоснимки или сведоци дека сторителот намерно подметнал пожар и предизвикал огромна штета, сигурно ќе поднесе пријава по најстрогите пропишани норми. Натаму Обвинителството ќе истражи и ќе поднесе најстрого обвинение за случаите со намерното предизвикување на пожари. Ако обвинителот поднесе обвинение со најстроги казни, а за нив има слаби докази, таквото обвинение ќе падне пред суд.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира