Пополнувањето на Штипската болница со медицински кадар во изминатиот период беше една од болните точки, рекоа новиот и поранешниот директор д-р Владко Захариев и д-р Ален Георгијев на денешното примопредавање на функцијата. Георгијев рече дека сите негови барања за пополнување на испразнетите медицински места во последните неколку години не биле прифатени од Министерството за здравство, а се соочиле со одлив по разни основи на 130 доктори, медицински сестри и друг помошен кадар.
„Дури пред изборите имаше одобрение за прием на 33 лица доктори, медицински сестри, хигиеничари, но одобрението било ставено во мирување поради изборите“ рече Георгијев.
Захариев додаде дека стручна комисија под итно ќе направи скенерање и на тие одобренија за нови вработувања и ќе инсистира нивна итна реализација, потоа снимање на финансиската состојба на Клиниката и комплетен увид кои апарати се во функција, кои не се и какви треба да бидат приоритетите во нивната нова набавка или сервисирање.
„Рак-рана се влезовите до Клиничката болница во Штип, па од тие причини планирам нов пристапен влез до Ургентниот центар на Клиниката за возилата на брзата помош, кои досега имаа големи главоболки во итни слуачи да минуваат по двата пристапни влеза во болницата наменети и за сите останати возила“, рече Захариев кој, како што рече, иако ќе биде директор сестрано ќе помага во неговото досегашно Одделение за неврохирургија, но и на останатите одделенија во болницата.
Кажа дека во неговиот мандат ќе настојува Штипската болница во вистинската смисла на зборот да биде регионален медицински центар за лечење на околу 300 илјади пациенти претежно од Источна Македонија, затоа што се надева дека во негово време ќе се доизгради и ќе профункционира новата болничка зграда која почна да се гради во 2016, а од претходната власт изградбата беше прекината и оставена на забот на времето.
Т. ЈОВАНОВСКИ