Воведовме две смени на Институтот за радиологија, се работи и за викенди, со цел да се намали чекањето на наоди, рече денеска директорката на Институтот, д-р Соња Николова.
Николова заедно со министерот за здравство Арбен Таравари го промовираа реновираниот дел на Радиологија, кој е во склоп на Хируршките клиники. Станува збор за инвестиција од околу 6 милиони денари, од кои 1,7 милиони денари се донација од Кина.
„Радосни сме што може да го прославиме отворањето на реновираните простории каде што моите здравствени работиници и соработници поминуваат 18 и 24 часа дежурства. Идејата беше да се зголеми ефикасноста на просторот, да се создаде една поудбона, посветла, почиста средина со што ќе го подобриме целокупното искуство на пациентите за време на нивниот краток престој во овие простории. Идејата беше да се стимулира и кадарот кој ќе работи, да ја зголемиме ефикасноста на овој оддел и со тоа да се зголеми и квалитетот на услугата на пациентите. Моравме да направиме внатрешна реорганизација со постоечкиот кадар, имаме проблем со кадарот, одлевање во приватното здравство, доста од кадарот замина во пензија, така што со постоечкиот кадар што не е доволен, моравме да направиме внатрешна реорганизација за да се намали чекањето на наоди. Се работат втори смени, се работи за викенд, тоа е добра волја на луѓето кои се позади мене и мора да им се заблагодарам. Доста расчистивме од заостанатите наоди, имаме уште малку работа за да застанеме на здрави нозе и да се организираме поинаку“, рече директорката, додавајќи оти не може прецизно да каже колку сега се чека за резултати, но сигурна е оти е преполовоено времето од претходно.
Д-р Николова кажа дека за чекањето резултати мора да се води смета дека е системски проблем кој е генериран со години.
„Мора да бидеме трпеливи, да имаме разбирање, ние сме тука за пациентите кои не само на време треба да добијат резултати, туку треба да добијат и квалитетни резултати. Кванитетот не значи ништо ако добиете неточни резултати. Имаме слух од Министерството за здравство, од Управата за електронско закажување, така што во периодот што следи ќе се организираме подобро за овој застој да не се генерира постојано“, рече д-р Николова.
Б. НЕСТОРОСКА