Масивен пожар се шири вон контрола на периферијата на Атина и веќе стигна до неколку населени места, принудувајќи илјадници луѓе да бегаат од своите домови. Меѓу местата каде што е издадена наредба за евакуација е и древниот Маратон, чиј градоначалник кажа дека се соочуваат со „библиска катастрофа“.
Големиот пожар кој избувна вчера попладне во областа на Варнава, 35 километри од Атина, продолжи да се шири, уништувајќи домови и имоти. Денеска горел на два главни фронта потпомогнат од силните ветрови: североисточно и источно од Атина.
Грчките медиуми објавија дека горат куќи во три села близу Атина, иако обемот на штетите засега не е познат. Огнот стигна и до Националната опсерваторија на Атина во селото Пентели.
„Ситуацијата е загрижувачка. Пожарот ја помина шумската област и навлезе во населена област. Ги има особините на урбан пожар. Видовме како горат куќи и училишта“, изјави претседателот на Пангрчката федерација на пожарникари, Никос Лавранос.
Градоначалникот на Врилисија, Јанис Писимисис, изјави дека ситуацијата е многу тешка зашто пожарот стигнал до населбите.
„Досега не сме виделе пожар со ваква магнитуда во нашата област. Огнот дојде од многу далеку“, кажа тој.
Во целата Грција владее опасност од пожари бидејќи се очекува високите температури и силните ветрови да се одржат и во следните денови. Грција побара меѓународна помош и таа веќе пристигнува од Франција, Италија, Романија и Чешка, а најави има и од Канада, Шпанија и Турција.