БЕЗ КОМУНАЛНА ПОЛИЦИЈА НЕМА ДА СЕ РЕШИ ПРОБЛЕМОТ СО ЃУБРЕТО, ОД ЗЕЛС ВЕЛАТ ДЕКА ЗАЕДНО СО МВР РАБОТАТ НА НОВ ЗАКОН

    БЕЗ КОМУНАЛНА ПОЛИЦИЈА НЕМА ДА СЕ РЕШИ ПРОБЛЕМОТ СО ЃУБРЕТО, ОД ЗЕЛС ВЕЛАТ ДЕКА ЗАЕДНО СО МВР РАБОТАТ НА НОВ ЗАКОНОд сите земји во регионот само Македонија нема комунална полиција; - Архивска фотографија од ѓубре во Скопје.

    Без комунална полиција и казни нема да се реши проблемот со хигиената, неправилното паркирање и создавањето диви депонии во главниот град, сметаат скопските градоначалници. Сега комуналните инспектори немаат речиси никакви ингеренции, освен да напишат парична казна, која според градоначалниците е мала. Инспекторите, како што велат, често се напаѓани, а полицијата недоволно интервенира за воведување ред со комуналните проблеми во градот.

    Воведување комунална полиција најави ексградоначалникот Петре Шилегов, но ова негово размислување не се исполни бидејќи потребни беа законски измени и носење нов закон, а Владата на СДСМ таков закон не сакаше и не почна никакви активности за изработка на законско решение.

    Претседателот на Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски вели дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе Закон за комунална полиција.

    „Размислуваме за носење Закон за комунална полиција и веќе работна група во ЗЕЛС работи на тоа заедно со МВР. Секако ќе треба и јавноста да го види, да се запознае со него и мислам дека ваков закон е од сериоза потреба на оваа земја. Од сите земји во регионот само ние немаме комунална полиција. Кога сите работи ќе се спојат ќе имаме сериозен напредок. Полошо од ова не може да биде напротив, може само да ги подобриме состојбите“, рече Ѓорѓиевски.

    Вчера скопските градоначалници најавија дека јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ веќе нема да бидат под надлежност на Град Скопје туку ќе се поделат на Општините и секоја Општина сама ќе чисти. Владата на наредна седница треба да ги одземе ингеренциите на Град Скопје над ЈП „Комунална Хигиена“ и „Паркови и зеленило“ и да ги предаде на централната власт. Потоа, Владата ќе назначи владин повереник кој ќе ги управува претпријатијата односно ќе го спроведе процесот за нивно расформирање и поделба на Општините. Со расформирањето на овие две претпријатија вработените и механизацијата ќе бидат распределени по Општините, според бројот на жители. Парите кои Градот сега ги собира преку сметките за ѓубре и за зеленило ќе се делат меѓу Општините повторно според бројот на жители.

    Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски вели дека трансформацијата на овие две јавни претпријатија е добра и подобро ќе се функционира, но сето тоа ќе биде за џабе ако не се казнува.

    „Нема да го решиме проблемот ако не го донесеме Законот за комунална инспекција. Комуналните инспектори мора да добијат овластување, да легитимираат, да приведуваат, да побараат притвор и физички да неутрализираат. Ако ние оставиме дивеење и кој каде сака да фрла шут, ништо не сме направиле. Мора законски измени со кои возилата со кои се фрла шут на недозволено место да се одземаат и да има драконски казни. Исто така, ако останеме со овие цени за сервисирање на услугите ние проблемот само го префрламе од едно место на друго. И цените мора да се формираат согласно порастот на цените за живот и инфлаторните движења во државата“, рече Јакимовски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира