ОПШТИНИТЕ БАРААТ КОМУНАЛНА ПОЛИЦИЈА, ЗАКОНОТ ШТО ГО ПОДГОТВИ ШИЛЕГОВ СТОИ ВО НЕЧИЈА ФИОКА ВО ВЛАДАТА

    ОПШТИНИТЕ БАРААТ КОМУНАЛНА ПОЛИЦИЈА, ЗАКОНОТ ШТО ГО ПОДГОТВИ ШИЛЕГОВ СТОИ ВО НЕЧИЈА ФИОКА ВО ВЛАДАТАНа пешачката улица Никола Вапцаров која води кон Плоштад Македонија коли постојано се паркираат. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Итно да се донесе Закон за комунална полиција, бара Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС). Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски вели дека на општините, а особено на Скопје му е неопходен еден ваков начин на делување за да се воспостави ред и затоа тој ќе побара од Владата да се донесе вакво законско решение и да се изгласа во Собранието.

    „Неопходно е во Скопје да има комунална полиција и јас како претседател на ЗЕЛС на некоја од наредните седници на Управниот одбор ќе го покренам ова прашање и ќе барам поддршка од сите градоначалници. Штета што во минатото, иако имаше заложби не се реализираше оваа идеја и верувам дека во мојот мандат како претседател на ЗЕЛС ќе успееме да издејствуваме да се најде законско решение коешто ќе го официјализра овој начин на функционирање“, вели Ѓорѓиевски.

    И експретседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Петре Шилегов бараше да се донесе Закон за комунална полиција. Во Град Скопје беше изработено и предлог законско решение и предадено во Влада, но никогаш не стаса до Собранието, остана во нечии фиоки Според предложеното решение ингеренциите и надлежностите на комуналната полиција треба да бидат налик на други големи градови од регионот и таа ќе биде надлежна за сè што е во надлежност на Град Скопје, без да се меша во ингеренциите на полицијата. Комуналните полицајци ќе казнуваат за фрлање ѓубре, за погрешно паркирање, узурпирање на јавна површина, за градби, диви пазарџии, тезги и слично, професионалните полицајци ќе се растоварат од овие обрски и ќе си бркаат криминал, за што и се обучени. На пример, според искуствата од Белград, што ги споменуваше Шилегов додека беше градоначалник на Скопје,  на 5.000 жители потребен е еден полицаец, што значи на Скопје би му требале од 100 до 120 комунални полицајци, кои би ги замениле полицајците од МВР.

    Тогаш Шилегов велеше дека треба 17 институции да дадат мислење оти има преземање на ингеренции, но, иако тој беше од највисокото раководство на СДСМ, и најголемиот број градоначалници беа од СДСМ во владејачката партија немаше политичка волја да се истурка оваа реформа. Сега пак, кога на локално ниво, кадешто повеќето градоначалници се од ВМРО-ДПМНЕ во Владата никој не ни зборува за законот.

    Ниту актуелната градоначалничка Данела Арсовска која победи со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ досега не побарала ниту споменала комунална полиција како решение за хаосот во главниот град.

    Во Скопје коли се паркираат кој каде стаса, на пешачките зони во строгиот центар на градот, на плоштади, на трета лента, на пешачки патеки, во зеленило во Градски парк. Градот е валкан, ѓубре има насекаде, постојано се создаваат нови депонии, редовно се палат контејнери и се кршат и корнат корпи за отпадоци и клупи. Професионалните полицајци што се под надлежност на МВР не стигаат да пишат казни, а општинските инспектори немаат надлежност да казнуваат, па секојдневието на граѓаните станува од ден на ден похаотично и се претвора во безредие. На крајот на краиштата нема логика скапо обучени млади полицајци со оружје и во целосна физичка кондиција да се трошат за лепење ливчиња со казни и бркање ѓубре, кога тоа може да го прават луѓе за кои не е потребна стручна обука и којзнае каква физичка подготвеност.

    „Впечатокот дека Скопје е валкан град во кој нема ред е исправен. Ние како градоначалниците колку и да се трудиме да воспоставиме ред имаме измешани ингеренции или на пример немаме ингеренции за сообраќајот. Казните се прениски за оние кои ја загадуваат животната средина. Чистиме депонии, а пак за неколку месеци за создаваат. Затоа е добро да се овозможи ваква законска регулатива со којашто ќе имаме поголема моќ и ќе можеме независно да делуваме. Сите се бориме за поголема децентрализација, еден од начините е со примена на токму вакви законски измени кои ќе ни овозможат децентрализација во пракса“, вели претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски кој е и градоначалник на Кисела Вода.

    Ѓорѓиевски вели дека лани само во неговата општина биле исчистени околу 200 тони комунален отпад од диви депонии кои постоеле повеќе години. Проблем со кој секојдневно се соочуваат е што не можат да најдат сезонски комунални работници.

    „Да бидам искрен, имеме проблем со човечките ресурси со кои располагаме. Во неколку наврати објавуваме конкурси за сезонски работници и од предвидената бројка од 110 кои најмалку ни се потребни за да биде Кисела Вода на повисоко ниво со хигиената, ние работиме со 60. Нема интерес, не се пријавуваат и затоа размислуваме наредна година во буџетот да предвидиме пари за машини метлачки кои ќе чистат. Исто така тука би рекол дека ‘Паркови и зеленило‘ како да не функционира, не ги одржуваат зелените површини кои им се обврска и ние нашите ресурси ги трошиме да ги чистиме и нив“, вели Ѓорѓиевски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира