СКОПЈЕ НЕ ДОБИ КОМУНАЛНА ПОЛИЦИЈА, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ЌЕ СЕ ФОРМИРА ПОСЛЕ ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

    СКОПЈЕ НЕ ДОБИ КОМУНАЛНА ПОЛИЦИЈА, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ЌЕ СЕ ФОРМИРА ПОСЛЕ ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИГрадоначалникот Шилегов вели дека текстот на законот месецов треба да помине на влада и да се даде во Собрание. (Фото: К. Попов)

    Речиси помина првиот мандат на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, а Скопје не доби комунална полиција. Веднаш по доаѓањето на функцијата, Шилегов изјави дека ќе бара од Владата и Собранието да се донесе закон за комунална полиција, со што ќе се стави ред во градот. Но, не само што не е формирана комунална полиција, не е донесен ниту законот за да може да функционира.

    Градоначалникот Шилегов вели дека Град Скопје не е институција која носи закони за да може да го донесе законското решение и се надева дека после локалните избори ќе биде формирана полицијата.

    „Ние изготвивме еден текст, предаден е во Влада и треба 17 институции да дадат мислење, оти има преземање на ингеренции од други институции. Текстот на законот месецов треба да ја помине владината постапка и да се даде во Собрание. Мојата идеја е да им се даде можност на градоначалниците да ја создадат таа полицијата на почетокот на новите мандати односно после изборите во октомври“, вели Шилегов.

    Според предложеното решение од Град Скопје, ингеренциите и надлежностите на комуналната полиција треба да бидат налик на Белград. Ќе биде надлежна за сè што е во надлежност на Град Скопје. Ќе казнуваат за фрлање ѓубре, за погрешно паркирање, узурпирање на јавна површина, за градби, диви пазарџии, тезги и слично.

    Според искуствата од Белград на 5.000 жители потребен е еден полицаец, што значи на Скопје му требаат од 100 до 120 комунални полицајци.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира