ПРОБНО ЌЕ СЕ ЗАТВОРИ УЛИЦАТА 8 СЕПТЕМВРИ ВО ЦЕНТАРОТ ВО ВЕЛЕС ЗА ДА СЕ ПРОВЕРИ ДАЛИ ФУНКЦИОНИРА ПРОЕКТОТ ЗА СООБРАЌАЈНО РЕШЕНИЕ

    ПРОБНО ЌЕ СЕ ЗАТВОРИ УЛИЦАТА 8 СЕПТЕМВРИ ВО ЦЕНТАРОТ ВО ВЕЛЕС ЗА ДА СЕ ПРОВЕРИ ДАЛИ ФУНКЦИОНИРА ПРОЕКТОТ ЗА СООБРАЌАЈНО РЕШЕНИЕДвонасочниот сообраќај ќе биде во одреден период од годината. (Фото: СДК.МК)

    Улиците Страшо Пинџур и Гоце Делчев во центарот на Велес ќе бидат двонасочни кога ќе заврши уредувањето на тротоарите на улицата 8 Септември. Двонасочниот сообраќај ќе биде во одреден период од годината. Откако деновиве се изврши хоризонтално обележување на овие две улици, се создаде дилема во јавноста зошто такво решение кога беше најавено дека тие ќе бидат двонасочни само преку лето, и тоа навечер.

    Од локалната власт најавија дека годинава може да се случи главната улица 8 Септември да се затвори од Сармаале до Коњаникот како проба во краток период и тогаш улиците Страшо Пинџур и Гоце Делчев да бидат двонасочни, за да се увидат позитивните страни и слабостите на планираниот и предвиден сообраќаен режим.

    „Прво треба да се заврши со уредувањето на тротоарите на улицата 8 Септември, зафат кој е во тек. Потоа треба да се изврши нејзино хоризонтално обележување, по што инвеститор од канцеларијата на ЕУ ќе направи увид дали може таа да се пушти во сообраќај. Поточно, да стапи на сила проектот за регулирање на сообраќајот во централното градско подрачје, донесен во 2017 година“, кажа Славче Велков, сообраќаен инженер во Општина Велес.

    Предвидено е улицата 8 Септември догодина да се затвори за сообраќај во јуни, јули и август од 18 до 3 часот.

    „Со проектот од 2017 година, предвидено е по улицата 8 Септември, која треба да биде затворена, да сообраќаат само возилата на градскиот јавен превоз. Во однос на компаниите кои имаат вработени и имаат сопствен автобуски превоз, ќе се разговара како тие патници да се качуваат во нивниот превоз. Возило во должина до 6 метри може да мине по улиците Страшо Пинџур и Гоце Делчев во правец од Сармаале до Коњаникот, а од Коњаникот до Сармаале може да се движи превозно средство во должина до 10 метри. И тоа само во вечерните часови, кога ќе биде затворена улицата 8 Септември. За проектот веќе се барани и направени одредени отстапки, улицата не е целосно затворена како што беше предвидено, туку само неколку месеци во ноќните часови“, вели Велков.

    Реакции има и за пристапот на возилата од правец на центар, од споменикот Коњаникот кон паркингот пред Основен суд, каде што е исцртана непрекината сообраќајна линија, која покажува дека не може да се влезе на просторот.

    „Доколку се дозволеше таквата можност, ќе се создаваше голема колона возила на кружниот тек. Затоа, ако некој сака да влезе на паркингот од правец на Коњаникот, треба да дојде до плоштадот Сармаале, да заврти на кружниот тек и да се врати назад“, објасни Велков.

    За пешачките премини пред некогашното кино „11 Октомври“ кон НА-МА и од НА-МА кон кафеаната „903“, кои сега ги нема, реагираа незадоволни жители, но пешачкиот премин кон месноста Дворови останува.

    „Пред Европската куќа, некогашното кино, нема да се црта пешачки, бидејќи ги има погоре кај пешачките острови и долу кај Стопанска банка. Пешачки кон Дворови ќе се црта кога киоскот ќе биде отстранет, а сопственикот најавил дека тоа ќе го стори набргу“, кажа Велков.

    Незадоволни се и легалните таксисти, кои останаа без стојалиштата за своите возила во Центар, кај Коњаникот и на Сармаале.

    „Кај Коњаникот се нацртани четири такси стојалишта, близу Европска куќа. Тие ќе бидат наскоро и во функција. Кај Сармаале нема можност за паркинг за такси возила бидејќи ако останеа досегашните локации, го отежнуваат сообраќајот кон улиците Архиепископ Михаил и Страшо Пинџур и тука нема да има такси стојалиште“, рече Велков.

    Уредувањето на улиците во центарот на Велес беше дел од проектот со кој градот требаше да добие пешачка зона и да се затвори за сообраќај главната улица сите 365 дена, бидејќи Велес е единствен поголем град во Македонија кој нема пешачка зона. Но, проектот претрпе повеќе промени, за кои се бараше согласност од финансиерот ЕУ, бидејќи наместо решение, се создадоа големи колони возила и сообраќаен метеж во центарот на Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира