Се реновира Одделот за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести, наскоро ќе се реновира и Клиниката за анестезиологија, мора да реновираме, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
„Слободен печaт“ вчера објави дека на Клинината за хематологија починала пациентка со леукемија која била заразена со ковид-19 на која ѝ би потребен респиратор, а не била примена во повеќе институции, меѓу кои и на Инфективна клиника каде има респиратор, со образложение дека се реновира.
На новинарски прашања за овој случај по денешната посета на Црвен крст во Скопје, министерот Таравари кажа дека реновирањето е неопходно во повеќе установи. Таравари денес кажа дека станува збор за пациентка на 47-48 години, тежок случај со акутна леукемија, која била инфицирана со ковид-19 и која на Клиниката била лекувана по сите протоколи.
„Ковид-19 веќе е нормална инфекција, сите го поминавме и го поминуваме тоа. Јас сум информиран дека за пациентката е консултиран и анестезиолог и инфектолог, нема лекарска грешка, даден е целосен третман“, рече министерот.
На новинарски прашања за тоа како може да се нема план за третман на пациенти за интензивна нега и респиратори додека се реновира Инфективната клиника и каде да се упатуваат пациентите на кои им треба респиратор, Таравари рече дека мора да се реновира во здравствените институтции, дека некои од нив не се во добра состојба и мора да се преземат чекори.
„Наскоро ќе почнеме и со реновирање на компресорските станици и на хируршките сали. Оддели за интензивна нега има скоро на сите клиники, респиратори има скоро на сите клиники. Јас не знам за некој случај дека пациент е вратен од некоја установа“, рече министерот и најави дека ќе побара дополнителни известувања за случајот со пациентката со леукемија која почина вчера.
Б. НЕСТОРОСКА