Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека судот треба да одлучи кој да го плати долгот кон ЈСП „Скопје“ за бесплатниот превоз на студентите. Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вели дека Владата, односно Министерството за образование и наука (МОН) има долг кон Градот од 8 милиони евра за бесплатниот превоз на студентите.
Јаневска денеска беше во Штип на средба со градоначалникот Иван Јорданов и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ Дејан Мираковски, а на новинарско прашање дали Министерството ќе го плати долгот кон ЈСП „Скопје“, таа кажа дека фактурите се пристигнати, но нема правен основ по кој Министерството би ги платило фактурите за бесплатниот студентски превоз.
„Нема правен основ по кој Министерството би го исплатило тој долг. Нема спогодба, нема договор, нема владина одлука. Така што, јас повторувам, и да сакам не можам, а јас сакам студентите да имаат слободен превоз и за следната година. Ние планираме средства за слободен превоз на студентите, но тоа мора да се реши на поинаков начин. За мене како министер начинот е судот да одлучи, како ќе одлучи судот така ќе постапуваме“, рече Јаневска.
Т. ЈОВАНОВСКИ