Градоначалничката Данела Арсовска испрати писмо до премиерот Христијан Мицкоски во кое го замолува да престане со блокадата и сам да набави нови автобуси доколку не сака тоа да биде преку Град Скопје. Реакцијата на Арсовска доаѓа откако вчера советниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа да се набават нови автобуси, поради што немаше мнозинство и одлуката не помина. За одлуката гласаа сите останати советнички групи, но без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство во Советот.
„Како претседател на Владата и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ве повикувам и ве замолувам да внесете разум во делувањето на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и вашата коалиција во Советот на Град Скопје. Крајно неодговорно и неразумно е граѓаните на главниот град да бидат жртви на самоволието на 23 лица чие единствено политичко делување е преку деструкција, блокади и политички манипулации. Граѓаните не смеат да бидат жртви на политичките амбиции на поединци од Советот на Град Скопје. Недозволиво е скопјани да чекаат автобуси по еден час на екстремни температури, недозволиво е учениците да немаат превоз, а уште пострашна е најавата на министерката за образование и наука дека нема намера да го исплати долгот за бесплатниот превоз на студенти и средношколци кон ЈСП, со намера и да го прекине овој проект“, се вели во писмото на Арсовска.
Таа го повикува Мицкоски доколку не може да ги убеди советниците во Град Скопје да гласаат за набавка на нови автобуси, тоа да го направи Владата.
„Набавете автобуси за главниот град. Доколку Владата нема средства за оваа намена, ние сме подготвени, а со одлука на Советот на Град Скопје, да ви ги префрлиме потребните средства на посебна сметка, а вие да ја спроведете набавката. Доколку е ова прифатливо, предлагам да закажеме вонредна седница на Советот на Град Скопје во среда на 4-ти септември на која заеднички ќе донесеме одлука за набавка на нови 250 еколошки автобуси и останатите одлуки неопходни за непречено функционирање на Градот. Предлагам условите за набавка на новите автобуси, начинот, динамиката и финансирањето да го предложите вие како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а да го предложите преку вашите советници во Советот на Град Скопје. Јас сум подготвена како и до сега, да ги прифатам вашите барања и услови, со една цел – подобар живот на граѓаните на градот Скопје“, додава Арсовска.
Арсовска во писмото вели дека Владата има долг кон ЈСП од 8 милиони евра, кон „Комунална хигиена“ од 2.5 милиони евра, но и кон ЈП „Дрисла“ на кој само Клинички центар му должи 1 милион евра, а долгови кон ЈП „Водовод и канализација“ имаат и државните институции.
Во Скопје владее хаос со јавниот превоз. Граѓаните чекаат автобуси по еден час. Кога ќе дојде автобус тој е преполн и не може да се качат сите патници. Директорот на ЈСП Драги Кушовски рече дека за летниот возен ред фалат 40 автобуси. Проблемот ќе биде поголем од 2 септември кога со почетокот на учебната година се воведува зимски возен ред, за кој потребни се повеќе возила.
Арсовска на локалните избори во 2021 година беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш заедно со Мицкоски ветуваа набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен превоз за сите граѓани.
А. АНТЕВСКА