Откако лани во октомври полицаец (заменик-генерален секретар на Независниот синдикат на полицијата) доби случај против МВР пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, зашто место него, Бирото за јавна безбедност унапреди медицинско лице -рендгенолог, дискриминиран бил и на повторениот оглас.
По налог на Комисијата, Бирото за јавна безбедност односно МВР распишало нов оглас за раководно лице на Полициската станица „Блаце“.
Но, и при повторениот оглас за раководно лице на Граничниот премин „Блаце“, само поради тоа што членува и раководи во полициски синдикат, подносителот на претставката повторно е дискриминиран, сега на поперфиден начин за разлика од првиот пат.
Имено, во првиот наврат Бирото за јавна безбедност и МВР на огласот за раководител на полициската станица Блаце, место синдикалецот кој е со соодветна диплома, стаж и искуство, назначиле колега со факултет за радиологија.
Тогаш комисијата утврди директна дискриминација врз него, а сега продолжена директна дискриминација, затоа што од 4 огласи, меѓу кои и за избор на главен на ПС Блаце, надлежните спровеле само два. Законската постапка ја спровеле само таму каде подносителот на претставката не конкурирал.
Со оглед на тоа дека тој конкурирал на огласот за ПЦ Блаце и за ПС Чашка, надлежните таму не мрднале со прст. Кога завршил рокот за огласот, прескокнувајќи ја законската постапка, во јануари 2024 година користејќи дискреционо право, тогашното раководство директно, без оглас, со решение поставило раководни лица по свој избор.
Повторно синдикалецот бил изигран. Но, тој ги собрал и овие докази, поднел втора претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), која на 22 јули ја донела следната одлука:
„Се утврдува продолжена директна дискриминација врз основа на членување во синдикат, сторена од Комисијата за распоредување и унапредување на полициски службеници за работни места од категориите Б,В,Г,Д и Ѓ против подносителот на претставката“.
КСЗД препорачува МВР во рок од 30 дена од денот на добивањето на Мислењето, да ги поништи решенијата за поставените раководни лица во полициските станици и да спроведе законска постапка за избор, без дискриминација. Во спротивно, Министерството ќе биде дадено на суд.
Двапати дискриминираниот полицаец, подносителот на претставката, е магистер по правни науки со 300 ектс кредити и со положен правосуден испит, и е еден од најписмените во раководството на Министерството за внатрешни работи. Никој од пријавените повеќе од него не ги исполнувал условите, и на двата огласа.
С. К. ДЕЛЕВСКА