Јавното претпријатие Национални шуми планира измени во годишните планови, за да бидат опфатени со сеча огревните дрва од опожарените површини. Паралелно, планира дрвната маса која што била зафатена со пожар да ja продава по редовни цени, а не по пониски како што било претходно. Ова го најави заменик-директорот на ова јавно претпријатие Кире Михаилов, сметајќи дека на тој начин може да се ублажат последиците од големите шумски пожари ова лето во земјава.
„Тие дрва не одлетаа. Во моментов имаме дрвна маса на опожарена површина и мора тие да ни бидат приоритет за сеча, иако во годишните планови воопшто не биле планирани. Значи, ќе пристапиме на сеча на опожарените огревни дрва по редовна цена, а не по намалена цена. Претходно луѓето беа навикнати огревните дрва зафатени со пожар да ги купуваат по пониска цена, што нема да биде случај сега“, кажа заменик-директорот на Национални шуми Кире Михаилов.
Како пример, тој го посочи пожарот на Огражден во Струмичко, каде што биле опожарени околу 700 хектари шумска површина при што е направена штета од околу 7,5 милиони евра на дрвната маса. Затоа, Михаилов вели дека место од Беласица, ќе пристапат на сеча на опожарените огревни дрва од Огражден.
„Нашата цел е да се ублажат последиците. На Огражден наша претпоставка е дека имаме околу 12-13 илјади кубни метра огревно дрво зафатено со пожарот. Тие не беа планирани да се сечат но сега ќе мора да пристапиме и од таа дрвна маса да инкасираме околу 5 до 6 милиони евра, но по нормална цена, а не како досега по пониска“, кажа Михаилов
Како што рече тој, заклучно со 1 август, во земјава опожарени се околу 60 илјади хектари шуми при што е направена материјална штета од околу 26 милиони евра по дрвната маса.