ОДБРАНАТА НА МЕРКО ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА СУДИЈКАТА МИТРЕСКА ОТИ ТАА НЕ ГО ПРИФАТИ ПРЕДЛОГОТ ЗА ЗАСТАРЕНОСТ НА КРИВИЧНОТО ДЕЛО ЗА НАБАВКАТА НА ЛУКСУЗНОТО АУДИ

    ОДБРАНАТА НА МЕРКО ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА СУДИЈКАТА МИТРЕСКА ОТИ ТАА НЕ ГО ПРИФАТИ ПРЕДЛОГОТ ЗА ЗАСТАРЕНОСТ НА КРИВИЧНОТО ДЕЛО ЗА НАБАВКАТА НА ЛУКСУЗНОТО АУДИЌе се чека одлука на претседателот на Основен суд Струга во однос на поднесеното барање за изземање. (Фото: СДК.МК)

    Денеска во Основниот суд во Струга се одложи главната расправа за судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“ вреден 67 илјади евра и уште три други автомобили. Одбраната на Мерко побара изземање на судијката Надица Митреска оти, како што рече бранителот, биле повредени правата на одбраната во серија почнувајќи од увидот, како и неприфаќањето на предлогот за застареност на кривичното гонење. Ќе се чека одлука на претседателот на Основен суд Струга во однос на поднесеното барање за изземање.

    „Сметам дека за овој суд постои само една странка а тоа е Јавниот обвинител, судот врши директна повреда на законот кој гарантира правично судење. Доставените доказ пред да носи судот одлука не го достави на одбраната и го ускрати правото на одбраната за соодветно да се произнесе“, кажа бранителот на Мерко.

    Судијката Митреска, која го одби приговорот за релативна застареност на делото бидејќи настанал прекин, вели дека одбраната има законско право да бара изземање.

    „Барањето за изземање е законско право ако странката смета дека има простор. Сметам дека сум непристрасна, дека постапувам апсолутно совесно и согласно закон. Ќе почекаме одлука па ќе видиме. Одбраната во рок од 24 часа ќе достави образложен предлог детален зошто бара мое изземање. Дополнително ќе се знае дали предметот ќе е кај мене или кај некој друг судија во Судот“, вели Митреска.

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го гони струшкиот градоначалник Мерко за злоупотреба на службената положба, обвинение кое стигна десет месеци откако САД го ставија на црната листа поради корупција и мешање во судски процеси.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира