Запалено е црвеното светло за спас на Езерото Младост и потребна е акција на сите засегнати страни, беше речено на последната седница на Советот на Општина Велес на чиј дневен ред беше проблемот со загадувањето на езерото. Градоначалникот на Велес, Марко Колев, го повика Јавното водостопанско претпријатие (ЈЦП) „Лисиче“ да се грижи за акумулацијата Младост исто како што се грижи за Езерото Лисиче, зашто ова претпријатие управува во водата од двете езера.
„Како што се грижи ‘Лисиче’ за акумулацијата Лисиче, посакувам во наредниот период така да се грижи за акумацијата Езеро Младост. Ова го велам бидејќи на сите ни е познато дека канализацијата од населбите Горно и Долно Јаболчиште од Општина Чашка се влева во Езерото Лисиче. Тоа се меѓу 5-6 илјади население. Сите фекални води завршуваат во реката Тополка, а таа се влева во Езерото Лисиче, пречистителна станица нема иако во повеќе наврати се ветуваше. ЈВП ‘Лисиче’ со сите стручни служби кои ги има и со сите вработени, успешно се справува со овој крупен проблем. И пиеме меѓу најдобрите води во Македонија. За решавање на проблемот со Езерото Младост е потребно сериозна финансиска поддршка од Владата, преку Министерство за земјоделие или Министерство за животна средина. Да се изработи кратокорочен, среднорочен и долгорочен акционен план за езерото, да лобираме кај владините претставници сериозно да го помогнат чистењето на “зерото Младост“, кажа Колев.
Тој напомена дека изминатите денови се правеле повеќе планови за дотур на свежа вода во Езерото Младост, што е едно од барањата на Хидробиолошки завод од Охрид во наодите за решавање на проблемот. Но, засега ниту еден план не било можно да се реализира. Не е можно ниту да се испушта вода од дното на езерото од вентилот на браната, кој во 2012 беше променет. Тој не беше искористен оти не е во функција, констатирале претставници на Министерството за земјоделие, кое ја финасираше промената со нов со средства во висина од 3.1 милион денари. Не е можен дотур ниту од Езерото Јарбош, кое агрокомбинатот „Лозар“ го создаде за да го полни Езерото Младост, оти неговите природни извори некој минатата година со градежни машини ги затрупал со земја и тоа сега е полупразно.
П. ПЕЧКОВ