Романската влада соопшти дека ќе го повлече контроверзниот декрет со кој ќе се декриминализираа кривични дела за корупција. Премиерот Сорин Гриндеану рече дека декретот ќе биде повлечен утре.
„Не сакам да ја поделам Романија. Не може да се подели на две“, рече Гриндеану во ТВ обраќањето.
Десетици илјади Романци секојдневно протестираа против декретот со кој осудени функционери ќе беа ослободени од затвор. Гриндеану се обрати по денешниот протестен марш во Букурешт, на 5-от последователен ден од протестите. Демонстрантите формираа човечки штит околу палатата на Собранието.
Ова се најголемите протести во Романија по падот на комунизмот во 1989.
Декретот требаше да стапи на сила на 10 февруари. Со него се декриминализираат кривични дела за злоупотреба на службена положба кога сумата е под 44.000 евра.
Од декретот најбрзо ќе се офајдеше Ливиу Драгнеа, лидерот на владејачката ПСД, кој е обвинет за проневера на државни пари во сума од 24.000 евра.