Владата денеска го објави јавниот повик за Општините и Град Скопје за доделување пари за инфраструктурни проекти. Огласот ќе биде отворен до 22 септември, по што ќе се следи постапка за избор на проекти кои ќе добијат пари од државниот буџет.
„Општините може да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието“, кажа министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека ова е прв повик, а вкупно од државниот буџет за развој и подобрување на условите ќе бидат дадени 250 милиони евра.
„Во минатото се правеле инфраструктурни проекти во главниот град, но никогаш секаде и за сите општини во толку голем обем како што е замислата со овие 250 милиони евра, и свесен сум дека голем дел од општините се соочуваат со вистински потреби за развој на инфраструктурни проекти и капитални инвестиции“, рече Мицкоски.
А. АНТЕВСКА