Само еден ер трактор во моментов е во функција за гасење на пожарите низ државата. Како што кажа директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, покрај двата ер трактора на Дирекцијата за заштита и спасување, неисправни се и двата полициски хеликоптера.
Денеска се регистрирани 13 пожари на отворено, од кои 9 се активни. Најголем, најкомплициран и најтежок за гаснење е оној во прилепско Мариово и околината.
„Рано утрово таму се упатени сто припадници на армијата, 25 припадници на полициските специјалци ‘Тигри‘, 30 вработени во ‘Национални шуми‘ и два тима од Дирекцијата за заштита и спасување. На терен се и прилепските пожарникари, а помош има и од пожарните од околните градови. Во 10 часот во гаснењето помогна и еден ер трактор. За жал, другите два се неисправни и не можат да летаат. Истото се случува и со двата полициски хеликоптера кои се неисправни, но оптимисти сме дека во текот на утрешниот ден големиот полициски хеликоптер ќе можеме да го користиме“, рече Ангелов.
Поголеми пожари има и во Дервен, селото Смолане, Општина Долнени и во скопско Катланово. Пожарот кај Катланово е активен од вчера бидејќи тежок е теренот за гасење, но Ангелов вели дека нема закана и опасност да бидат загрозени куќи.
А. АНТЕВСКА