Само со европеизација на државата, со владеење на правото и со борба против корупцијата ќе им овозможиме на младите генерации правото на потрага по среќа да го остварат дома, се вели во честитката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод Денот на независноста. Само така, вели Сиљановска-Давкова, ќе ја обновиме надежта и ќе го вратиме ентузијазмот од почетокот на македонската независност.
„33 години подоцна, ентузијазмот и надежта се, за жал, засенети од бројните предизвици со кои се соочивме како држава, од надворешни притисоци и непринципиелни блокади, преку внатрешни поделби, па сè до политички и безбедносни кризи. Низ годините имавме и успеси и грешки, и подеми и падови. Пропуштените можности, сеприсутните партизација и политизација и хроничната корупција ги отуѓуваат граѓаните и ги иселуваат младите“, вели Сиљановска-Давкова.
Во честитката претседателката вели дека наша должност е да ги оставиме настрана поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.
„Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да ја направиме македонската република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите“, додава Сиљановска-Давкова.