АКО БРИСЕЛ ТОЛКУ МНОГУ ГИ САКА МИГРАНТИТЕ, ЌЕ МУ ГИ ПРАТИМЕ СО АВТОБУСИ, ВЕЛИ УНГАРИЈА

    АКО БРИСЕЛ ТОЛКУ МНОГУ ГИ САКА МИГРАНТИТЕ, ЌЕ МУ ГИ ПРАТИМЕ СО АВТОБУСИ, ВЕЛИ УНГАРИЈАУнгарија ги претстави автобусите за превоз на мигрантите во Белгија (Фото: АП)

    Специјално за САКАМДАКАЖАМ.МК од Брисел, СВЕТЛАНА ЈОВАНОВСКА

    Унгарскиот премиер Виктор Орбан одлучи да ги качи мигрантите од Унгарија во автобуси и да им врачи билет во еден правец за Брисел.„Ако Брисел толку ги сака, ќе им ги пратиме“, изјави Ѓерѓи Ѓулаш, министер во владата на Орбан.

    Според унгарската влада, која не ја криела никогаш својата намера да не прима мигранти, ЕУ сака да ја „присили“ Унгарија да ги земе „нелегалните“ мигранти кај себе. Бенс Ретвари, државен секретар во Министерството за човечки ресурси, одржа пред неколку дена прес-конференција пред ред автобуси, на која кажа дека извршната власт е целосно сериозна во намерата на мигрантите да им понуди бесплатен автобуски билет до главниот град на Белгија, седиштето на Европската комисија (ЕК).

    Истата закана Унгарија ја изнесе и во август, како реакција на пресудата на Судот на правдата на ЕУ, со која Будимпешта мора да плати парична казна од 200 милиони евра за непридржување до европските правила за управување со азилот и плус еден милион евра на ден додека не се примени пресудата. Во јуни, Судот на правдата пресуди дека Будимпешта незаконски ги приведувала мигрантите и ги депортирала пред да можат да поднесат жалба за нивните одбиени барања за азил, што е нивно законско право.

    Се разбира, оваа најава на Орбан доведе до бура реакции во Белгија, особено што на 13 октомври се одржуваат локални избори во ова кралство и имиграцијата е една од најзначајните теми во кампањата. Прв реагираше градоначалникот на Брисел, социјалистот Филип Клоз, кој изјави дека Брисел ќе ги блокира овие автобуси на границата. Тој побара од премиерот и министерката за внатрешни работи да не им дозволат на овие автобуси да влезат во Белгија.

    Не можеме да си играме со судбината на овие луѓе. Брисел не е европскиот град што треба да ги земе сите мигранти. Унгарија мора да престане да верува дека ЕУ е само машина за пари“, додаде социјалистот.

    Државната секретарка за миграција и азил Никол де Мур изјави дека станува збор за провокација на Будимпешта и „покажува недостаток на почит кон европските институции и заедничките политики“.

    Едностраното пренесување на одговорноста преку закани од овој тип ги поткопува солидарноста и соработката во Унијата“, рече Де Мур. Таа побара белгискиот амбасадор во ЕУ да разговара со својот унгарски колега на оваа тема. Во својата изјава Де Мур, исто така, ја повика ЕК да реагира „цврсто и решително“.

    Голема бура во Белгија предизвика реакцијата на Жорж-Луи Буше, претседателот на либералната партија во франкофонскиот дел од државата. Неговата партија Реформаторско движење победи на парламентарните избори во Белгија во јуни. Тој не ги крие своите десничарски позиции за остра политика кон миграцијата и изјави дека Унгарија е во право.

    Не бевте тоа вие кои сакавте да ги пречекате сите мигранти со вашата голема дарежливост? Унгарија е во право што ги покажува вистинските ефекти на нејзината политика на ова левичарско размислување. Одбивате враќање на имигранти без легален статус, одбивате да се испрати Фронтекс и враќање на мигрантите (нелегална практика според меѓународното право)… И после се жалите. Тоа не е достоинствено“, напиша Буше на Икс.

    За весникот Ле Соар тој додал дека „не го поддржува унгарското испраќање мигранти во Белгија и жали што некои користат такви провокации за да се отвори реална дебата за миграцијата“.

    И додека политичарите се препукуваат на оваа тема, ова покажува дека мигрантската политика и азилот ги ставаат правните држави во ЕУ на тест. Повеќе земји-членки беа осудени од Европскиот суд на правдата да ги применат меѓународните правила за азил. Освен Унгарија, и Белгија повеќепати беше осудена од истиот суд и тоа не предизвика реакција во Белгија, ниту пак примена на пресудата.

    Портпаролката на ЕК денеска изјави дека оваа најава на Унгарија е неприфатлива,

    Ако таа биде спроведена, тоа ќе значи сериозно нарушување на новиот закон за миграција“, рече таа и додаде дека тоа ќе ја наруши и безбедноста на Шенген зоната.

    Cѐ повеќе проблеми се бележат во Шенген зоната. Во Германија, социјалдемократската влада одлучи вчера да воведе контрола на сите граници. Причината е подемот на екстремната десница на последните регионални избори во оваа земја, а на 22 септември ќе се гласа и во источногерманската покраина Бранденбург. И таму екстремната десница води во анкетите.

    Соседите на Германија стравуваат дека контролата на германските граници ќе доведе до еден вид домино ефект во ЕУ. Во Австрија се одржуваат парламентарни избори на 29 септември и таа одбива да прими мигранти. Екстремно десната ФПО исто така води во анкетите.

    Мораме да почнеме со протерување на мигрантите во голем обем“, изјави Олаф Шолц во октомври 2023.

    Екстремната десница на ова му одговори:

    Конечно ја спроведувате политиката што ја бараме десет години“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира