Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Лесли Милер, вели дека Македонија се соочува со криза во учењето и според последните ПИСА оценувања над 2/3 од учениците имаат лоши резултати во читање, математика и природни науки.
„Еден од клучните фактори е недоволното време поминато во учење. Македонските ученици имаат околу 900 часови поминати во учење помалку од просекот. Образованиот систем го нема целосно приспособено начинот на кој ги организира ресусрсите, на пример училишната структура, наставниот кадар и финансирање на улилиштата. Има многу можности за подобрување на ситуацијата“, рече пред настанот „Образование водено од реалните потреби на учениците – паметно инвестирање во наставниот кадар и инфраструктура“ во организација на Здружение за истражување и анализи ЗМАИ.
Лани во декември, Министерството за образование и наука (МОН), објавувајќи ги резултатите од ПИСА 2022, соопшти дека од 81 држава, учениците од Македонија се на 71. место по јазична писменост, а на 61. место со знаење по математика.
Организацијата за европска соработка и развој (ОЕЦД) на 5 декември ги објави резултатите од ова последно меѓународно тестирање, кои покажуваат генерално намалување на нивото на јазичната, математичката и научната писменост кај учениците на 15-годишна возраст во речиси сите држави учеснички.
„Со минимална разлика, резултатите за Северна Македонија го задржуваат нивото кое беше измерено во 2018. Од вкупно 81 држава кои беа дел од тестирањето, со постигнати 389 поени, нашата земја е на 61. место според резултатите по математика. Со постигнатите 359 поени при мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, рангирани сме на 71. место, додека по природни науки нашите ученици постигнаа 380 поени, што ја рангира државата на 68-то место во Европа“, соопшти МОН.
Ова е четврто учество на Македонија во ПИСА, преку Министерството за образование и наука. Претходно земјава беше дел од студиите во 2000, 2015 и 2018 година. Во април и мај 2022 беа опфатени 6.610 ученици од 111 средни училишта, каде во зависност од големината се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и албански јазик. Реализатор на студијата во Македонија е Државниот испитен центар. ПИСА тестирањето за првпат кај нас се реализираше електронски.
Б. НЕСТОРОСКА