Жизел Пелико, жената која била дрогирана од нејзиниот сега поранешен сопруг во текот на една деценија за да да биде силувана од десетици мажи додека била во несвест, станува симбол на борбата на Франција против сексуалното насилство. Околу 700 луѓе се собраа на Плоштадот на Републиката во Париз во знак на поддршка за 71-годишната жена и за сите жртви на силување во Франција. Некои носеа транспаренти со кои ја поздравија Пелико затоа што зборуваше за нејзиното ужасно премреже и ги уверуваа другите жртви на сексуално насилство дека не се сами. „Жртви, ви веруваме. Силувачи, ве гледаме“, пишуваше на еден транспарент.
Од почетокот на вонредното судење на 2 септември, за време на кое Пелико ќе се соочи со 51 силувач, таа е фалена за нејзината храброст и смиреност. Прво, беше нејзината одлука да го одржи судењето јавно – откако судот првично предложи да се одржи зад затворени врати. Таа им дозволи на новинарите да го објават нејзиното полно име, а судот да изложи експлицитни видеа снимени од нејзиниот сопруг на кои се прикажани мажи кои имаат сексуални односи со нејзиното голо, инертно тело. Таа рече дека нејзините одлуки биле во знак на солидарност со другите жени кои останале непризнаени како жртви на сексуални злосторства.
„Многу е важно да се биде тука бидејќи треба да зборуваме за културата на силување“, рече Ана Тумазоф, активистка и една од организаторите на протестот во Париз. „По седум години од #MeToo, знаеме дека не постои посебен вид жртва. Ние, исто така, колективно сфаќаме дека не постои посебен тип силувач“.
И покрај неколкуте бранови на движењето #MeToo во Франција, во кое беа прикажани неколку жени од висок профил кои јавно зборуваа за траумата што ја претрпеле по години сексуална злоупотреба, демонстрантите рекоа дека голем дел од насилството останува непријавено и често останува неказнувано.
На 5 септември, Пелико за првпат јавно проговори за своeто тешко премреже откако полицајците, пред четири години, ја повикаа да ѝ кажат нешто незамисливо. Со мирен и јасен глас, таа го опиша ужасот од откривањето дека нејзиниот поранешен сопружник ја дрогирал со средства за успивање и поканил најмалку 72 странци во нивната куќа во Прованса за да имаат секс со неа.
„За мене сè пропадна“, сведочеше таа. „Ова се сцени на варварство, на силување“.
Националната телевизија ТФ1 тој ден ја опиша како една „достоинствена, силна“ жена, која „ја држеше главата високо“. Во отвореното писмо преведено на англиски и објавено во францускиот весник „Монд“, новинарката и авторка Хелен Девинк ѝ се заблагодари на Пелико за нејзината храброст, повторувајќи ги чувствата на многу други Французи.
„Влеговте во нашите животи како во судот во Авињон, низ влезната врата“, напиша Девинк, протагонистка на француското движење #MeToo. „Тие не ве третирале само вас, Жизел, како да сте предмет. Ни кажуваа, на сите нам жени, колку сме безначајни. Вашата сила ја враќа нашата. Ви благодариме за овој огромен подарок.”
Следната недела Жизел Пелико ќе мора да се спротивстави на друга планина: соочување со човекот со кој го делеше својот живот повеќе од 50 години и татко на нивните три деца. Нејзиниот адвокат рече дека таа планира да присуствува на неговото сведочење. Нејзиниот поранешен сопруг, Доминик Пелико, претходно ги признал злосторствата пред инспекторите. Но, неговото судско сослушување ќе биде клучно за судискиот совет да одлучи за судбината на 50-те други мажи обвинети за силување.
Мнозинството од обвинетите го оспоруваат обвинението за „силување“. Некои тврдеа дека веруваат оти согласноста на сопругот за сексуален однос е доволна, други рекоа дека биле измамени од Доминик Пелико да веруваат дека неговата сопруга се согласува.
Еден адвокат кој застапува шестмина обвинети ја шокираше нацијата тврдејќи дека „има силување и силување, а без намера нема силување“.
Магали Лафуркад, судијка и генерална секретарка на Националната консултативна комисија за човекови права, исто така, ѝ аплаудираше на Жизел Пелико. Таа нагласи дека во Франција, студиите сугерираат дека девет од 10 жени кои се жртви на силување не поднесуваат обвиненија. И кога ќе го направат, околу 80% од случаите се отфрлаат.
Она што шокираше толку многу луѓе во Франција е огромниот број мажи вклучени во случајот. Полицијата успеа да идентификува само 50 осомничени од 83-те што се појавија во видеата на Доминик Пелико. Нивната возраст се движи од 26 до 68 години и потекнуваат од сите сфери на животот – пожарникари, фармацевти, работници и новинари. Многумина се татковци и сопрузи. Од другите обвинети мажи, 15 признаваат силување, но сите други признаваат само дека учествувале во сексуални дејствија.
„Она што ме шокираше уште повеќе е што толку многу мажи можеа да го направат ова – повеќе од 50 ‘нормални’ мажи, кои сите живееле во близина“, рече Каролин, 43-годишна докторка од Париз. „Пелико дури и не мораше да ги бара многу далеку. Навистина ме плаши бидејќи е одраз на општеството. Тоа не е норма, но ги има премногу“.
Друга грижа што ги шокира големиот број жени ширум Франција кои го следат случајот Пелико е тоа што многу други мажи знаеле и не направиле ништо. Доминик Пелико ги поканувал мажите да имаат секс со неговата сопруга „без нејзино знаење“ во објава на веб-страницата Coco.gg, која беше затворена дури минатиот јуни. Минатата година броеше 500.000 посетители месечно.
„Сто проценти од овие луѓе… никогаш не се јавиле за да го запрат ова злоставување“, вели Селин Пикес. „Ниту еден човек не помислил да ја извести полицијата за овие криминални факти“.
Од здравствени причини, Доминик Пелико во средата беше изземен од присуство на судењето. Се очекува тој да сведочи в понеделник или вторник, рече неговата адвокатка Беатрис Заваро. На прашањето дали нејзиниот клиент се обидува да се откаже од сведочењето, Заваро вчера рече дека „го чекал неговото судење, сакал да разговара и да се соочи со сопругата и децата“.
Доминик Пелико, кој сега има 71 година, и 50 други обвинети се соочуваат со затворска казна до 20 години ако бидат прогласени за виновни.
Во 2022, 1.229 луѓе во Франција се сомневале дека биле дрогирани без нивно знаење, според Лејла Чауачи, фармацевтка во парискиот центар за следење на зависности и експертка за силување со дрога. Таа бројка веројатно е „само врвот на ледениот брег“, смета таа. Жртвите честопати се двоумат да поднесат тужби бидејќи го познаваат напаѓачот, можеби се срамат или имаат магливо сеќавање на она што се случило. Поплаките треба да се поднесат и пред да исчезнат супстанциите од телото, што не е секогаш можно.