ДЕЛ ОД РЕТКА КОЛЕКЦИЈА МОНЕТИ КОЈА СЕ ЧУВАЛА 100 ГОДИНИ ВО КОПЕНХАГЕН СЕ ПРОДАДЕ ЗА НАД 14 МИЛИОНИ ЕВРА

    ДЕЛ ОД РЕТКА КОЛЕКЦИЈА МОНЕТИ КОЈА СЕ ЧУВАЛА 100 ГОДИНИ ВО КОПЕНХАГЕН СЕ ПРОДАДЕ ЗА НАД 14 МИЛИОНИ ЕВРАКолекцијата вклучува ретки монети и медали од Данска, Норвешка, Шведска и Англија кои датираат од ерата на Викинзите и се очекува да биде највредната колекција неамерикански монети која некогаш била продадена. (Фото: АП)

    Дел од данската колекција монети што му припаѓаше на магнатот за путер Ларс Емил Брун, на вчерашната аукција во Копенхаген, собра 14,8 милиони евра. Почитувајќи го условот од тестаментот на Брун, збирката од 20.000 парчиња 100 години беше чувана подалеку од аукциските куќи и колекционерите.

    Во 1922 Брун, кој бил претприемач и експерт за монети, ја купил колекцијата од аристократското семејство Биле-Брахе. По Првата Светска војна, плашејќи се од нова војна или бомбардирање на Копенхаген, тој одлучил дека неговата колекција треба еден век да се чува во Кралската колекција монети и медали во Копенхаген.

    „Колекцијата е уникатна на многу начини, делумно поради тоа што е толку вредна, но и затоа што 100 години е чувана како заспана убавица без никој да има пристап до монетите“, рече Мајкл Форниц, професионален нумизматичар назначен од аукциската куќа да ја надгледува продажбата.

    Колекцијата вклучува ретки монети и медали од Данска, Норвешка, Шведска и Англија кои датираат од ерата на Викинзите и се очекува да биде највредната колекција неамерикански монети која некогаш била продадена.

    На осумчасовната аукција во Копенхаген, 286-те монети кои беа на продажба за тој ден донесоа 14.820.900 евра, објави агенцијата „Рицау“. Аукционерот „Стокс Боверс“ објави податоци за поединечните продадени парчиња, кои покажуваат дека еден златник од 15. век, познат како „Ханс Нобл“ достигна цена од 1,2 милиони евра, што е далеку од предвидената сума од 300.000 до 600.000 евра.

    Аукционерите рекоа дека имало само две потврдени монети од овој тип во музеите и нема други во приватни раце. Благородните златници на Данска биле направени во чест на кралевите, во овој случај скандинавскиот крал Јон, попознат како Ханс.

    Монета од 10 дукати од 17 век, или португалозер, за која аукциската куќа вели дека е „една од само четирите за кои се верува дека преживеале“, исто така достигна нешто повеќе од половина милион евра. Повеќето парчиња беа продадени за над 10.000 евра.

    Приходите од различните аукции, кои се очекува да продолжат неколку години, ќе бидат наменети за директните потомци на Брун, како што е наведено во неговиот тестамент.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира