Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека ќе биде испратена протесна нота до бугарската амбасада во земјава, поради инцидентот со непоставување на македонското знаме при фотографирањето на неформалната средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев во Софија на 13 септември. Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека за разлика од порано кога се „виткаше кичмата и се распродаваше македонското достоинство“, денеска Владата соодветно реагира кон Бугарија.
„Во минатото, кога се понижуваше и распродаваше достоинството македонско, тогаш се молчеше, се виткаше кичма и се соблазнуваа со тие кои не понижуваа и газеа. Сега серешаваат работите на овој начин, дипломатски се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика или дипломатија со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине црвената линија тогаш треба и да се реагира, затоа што ако вие не реагирате, тој исклучок понатаму ќе стане пракса. Но, она што е поважно за мене е дека Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, а тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери на водството во Софија, Бугари во Устав, тоа е најмалиот проблем, многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери. Ние сме подготвени секогаш на добрососедски односи со добрина да вратиме, но кога ќе видиме дека се поминати црвените линии тогаш ќе мораме да интервенираме и денеска тој демарш ќе биде врачен на амбасадорот на нашиот источен сосед“, рече Мицкоски пред средбата со Македонско-Германското стопанско здружение.
Прашан зошто не било реагирано во моментот на средбата меѓу Сиљановска-Давкова и Радев, Мицкоски кажа дека тоа било направено од почит кон загинатите бугарски пилоти, но важно е што денеска се реагира.
„Тој ден не е реагирано, во интерес на почитта кон загубените трагични животи на пилотите коишто загинаа тој ден во Бугарија. Не сакавме да создаваме тензија но, добро е што и денеска се реагира, на овој начин. Порано, знаете, не ни пречеше што се виткаше кичмата и што се бакнуваа чевлите на нашите соседи и се молчеше. Тогаш не ни пречеше, и тогаш ни беше убаво и тоа беше европска вредност, а сега кога реагираме, зошто реагираме. Еве затоа реагираме и ќе реагираме.Ако некој мисли дека некому треба да чевлите да му ги бакнуваме и дека ќе молчиме и дека ќе продолжат понижувањата, тоа нема да се случи“, рече Мицкоски.
Сиљановска-Давкова и Радев по средбата во саботата се фотографираа на официјалното место каде покрај бугарското и знамето на Европската унија не беше истакнато и македонското знаме. Овие фотографии беа испратени до медиумите од Кабинетот на Претседателката Сиљановска-Давкова.
Следниот ден, на 14 септември од Кабинетот на Претседателката соопштија дека фотографирање не било предвидено според договорениот протокол за средбата на Сиљановска-Давкова со Радев.
Само бугарско и знаме на ЕУ има и на фотографијата од средба во бугарското Министерство за култура на министерот Зоран Љутов со бугарскиот колега Најден Тодоров, во рамките на истата посета на Софија. И тие фотографии беа испратени од Кабинетот на министерот за култура.
А. АНТЕВСКА