Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски заминува во Брисел, каде ќе има средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Мицкоски вели дека на средбата ќе ја пренесе фрустрацијата на македонскиот народ оти имаме вештачки наметнати пречки за продолжување на преговорите со Европската унија.
„Не патувам таму за да го презентирам планот, туку на дневен ред е планот за раст. Доколку стане збор за евроинтегративниот процес, јас сум тој што треба да ги брани и одбрани македонски национални интереси. Сега имаме и повеќе аргументи. Сакаме фрустрацијата која ја чувствуваат македонски граѓани, да ја пренесеме таму. Повеќе од деценија и пол не сме во можност да почнеме преговори со ЕУ оти има вештачки наметнати пречки кои ниту една друга земја ги немала“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при почетокот на градежните работи за доградба на основно училиште во Општина Аеродром.
Во заклучоците на Eвропскиот совет стои дека Македонија нема да продолжи во втората фаза од преговорите за членство во ЕУ без уставни измени за впишување на Бугарите во Уставот.
Ставот на Владата е дека уставните измени треба да се со одложено дејство, односно вметнувањето на Бугарите во Уставот да се случи по завршување на преговорите со Европската унија.
А. АНТЕВСКА