НИ ФАЛИ КАДАР И ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА, ЗОШТО ДА НЕ АНГАЖИРАМЕ СОВЕТНИК КОЈ ЌЕ Ѝ ПОМОГНЕ НА ДЕТСКАТА КЛИНИКА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ МЕМЕДИ ЗА НЕГОВИОТ БРАТУЧЕД

    НИ ФАЛИ КАДАР И ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА, ЗОШТО ДА НЕ АНГАЖИРАМЕ СОВЕТНИК КОЈ ЌЕ Ѝ ПОМОГНЕ НА ДЕТСКАТА КЛИНИКА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ МЕМЕДИ ЗА НЕГОВИОТ БРАТУЧЕДМемеди и Таравари на денешната прес-конференција за потпишување договор за грант од Јапонската амбасада. (Фото: Министерство за здравство)

    Директорот на Клиниката за детски болести д-р Реџеп Мемеди вели дека се соочуваат со недостиг на кадар во сите сектори, особено во делот за администрација и дека не е спорно што ангажирал советник од поранешните економски директори.

    На денешниот настан за грант од Јапонската амбасада, Мемеди одговараше на новинарски прашања зошто го ангажирал за советник Алајдин Мемеди, кој беше економски директор на Клиниката до 2022, а за кој Левица кажа дека му е братучед.

    „Сите претходни директори користеле советници и тоа е во рамките на законските прописи. Тоа е во рамките на дозволеното и во тој дел немаме никакви промени во трошоците. Ние како клиника бележиме значителни заштеди во делот на трошоците кои досега биле наменети за економските директори. Во однос на трошоците за советници кои сите претходни директори ги користеле, немаме промени. За жал, имаме недостиг на кадар и во администрацијата, која е исто така важен дел. Со години секторот за финансии работи без раководител, одделот за јавни набавки работи со еден вработен и без раководител, како и секторот за сметководство. Невозможно е голема институција да функционира без совети од стручни експерти во областа на финансии и сметководство. Ние сме во тек на доекипирање и надополнување на тој кадар, кој е значително потребен за нормално функционирање“, кажа Мемеди.

    На новинарски прашања дека Алајдин Мемеди треба да врати пари на Клиниката, директорот рече дека тој е единствениот економски директор кој добил судски спор што сам го иницирал за негово разрешување.

    „Има судско решение дека не направил никакви прекршоци во неговото делување и тоа е доволен факт дека работел во рамките на законските надлежности“, кажа тој, без да одговори на прашањето дали е судир на интерес што е ангажиран негов братучед.

    Наместо Реџеп Мемеди, одговараше министерот Таравари, кој кажа дека поради големиот медиумски интерес се распрашал за Алајдин Мемеди и бил информиран дека раководел со една институција во 2014 и една во 2022 и резултатите покажале дека е еден од најуспешните директори.

    „Не знам дали е непотизам, но не можеме да забраниме да се постави советник ако може да помогне да се подобри работата на Клиниката. Не гледам ништо лошо, тој веќе не е директор и може да биде советник каде било“, рече Таравари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира