Со кинопремиера и три проекции во „Синеплекс“ почна прикажувањето на еден од најнaградуваните македонски филмoви „Бизнисот на задоволството“ на режисерот, Гоце Цветановски. Филмот почна со проекции и во другите градови низ Македонија. Денеска ќе има можност да го види публиката во Кочани, а во Штип и во Велес ќе биде прикажан в недела.
Режисерот Гоце Цветановски ги повика сите љубители на филмот да го проследат неговото дело кое што отвора една деликатна тема како што е присилната проституција, а во фокусот се корупцијата и трулоста на целиот систем.
„Како режисер сум премногу задоволен од приемот на публиката на првите проекции. Коментарите се дека сме направиле филм кој се разликува од се’ останато што досега е направено во Македонија и ме радува што многумина искоментираа дека е храбар и обработува чувствителни теми. Повеќе не би коментирал, ги повикувам сите љубители на филмот да дојдат во кино и да видат за што станува збор, па заедно ќе дебатираме. Веќе е на редовниот репертоар и се прикажува секој ден“, рече Цветановски.
Улогите ги играат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е финансиран од Агенцијата за филм.