Украинскиот претседател Володимир Зеленски патува во САД каде што оваа недела ќе му го претстви на Џо Бајден својот „план за победа“. По средбата со Бајден, тој најави дека ќе се сретне и со двајцата кандидати на претстојните претседателски избори, Доналд Трамп и Камала Харис.
Трамп е критичен кон американската поддршка за Украина, но кажа дека веројатно ќе се сретне со Зеленски, кој ќе го претстви својот план и во Конгресот. Неговата посета доаѓа додека Белата куќа подготвува нов пакет воена помош за Украина од 375 милиони долари.
„Оваа есен ќе ја одлучи иднината на војната“, објави Зеленски на Икс додека патуваше кон САД.
Во пресрет на посетата, тој издвои три елементи од својот победнички план: натамошни донации во оружје за украинската војска, дипломатски напори со кои Русија би се принудила на мир и да се повика Русија на одговорност за целосната инвазија врз Украина.
Киев со месеци ги моли САД, Велика Британија и другите сојузници да дозволат напади врз руската територија со проектили со долг дострел. Бајден вчера изјави дека одлука за ова и натаму не е донесена.
Трамп претходно кажа дека има план за завршување на војната во рок од 24 часа ако победи на изборите во ноември. Унгарскиот премиер Виктор Орбан откри дека Трамп му рекол дека веќе нема да дава ни пени за Украина и така би ја завршил војната.