НЕ СУМ СУДИЈА ДА Ѝ СУДАМ НА ПРАТЕНИЧКАТА ДАУТИ ОД ДУИ ШТО НЕ ГО СТАВИ ЗАКОНОТ ЗА БРАНИТЕЛИ НА КОМИСИЈА, РЕЧЕ СПИКЕРОТ ГАШИ

    НЕ СУМ СУДИЈА ДА Ѝ СУДАМ НА ПРАТЕНИЧКАТА ДАУТИ ОД ДУИ ШТО НЕ ГО СТАВИ ЗАКОНОТ ЗА БРАНИТЕЛИ НА КОМИСИЈА, РЕЧЕ СПИКЕРОТ ГАШИГаши ја критикуваше и Владата што го бомбардира Собранието со закони по брза постапка, без давање можност за дебатирање. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека не е судија за да ѝ суди на пратеничката Илире Даути од ДУИ, која не го послушала кога писмено ѝ се обратил и побарал од неа да закаже седница на Комисијата за труд и социјална политика и на разгледување да ги стави предложените измени на Законот за правата на бранителите.

    Деловникот вели ако претседателот на работното тело не свикува седница, свикува претседателот на Собранието, кој одредува кој ќе ја раководи таа комисија.

    „Таа свика седница на мое барање за Законот, без оглед на тоа што јас не ги поддржувам тие измени, и ми го одзеде правото јас да свикам. Притоа, Даути не ја става точката за дополнување на Законот за правата на безбедносните сили“, кажа спикерот Гаши на денешниот брифинг со новинарите.

    На прашање дали, ако има некоја смртоносна епидемија, ќе молчи ако некој претседател на Комисија за здравство не сака да закаже комисија со таа точка на дневен ред, Гаши рече дека да се работи и за еден загрозен човечки живот, тој веднаш ќе реагира и собраниска седница би имало, секако. Но, рече дека случајот со Законот за бранителите не е од таков вид јавен интерес.

    На прашањето дали Даути го почитува и дали го скршила Деловникот, но и дали со ова ѝ е дозволено да не закаже седница и за закони предложени од власта на која Гаши ѝ припаѓа, тој одговори:

    „Јас сум претседател на Собранието, не сум судија. Одземена ми е можноста да свикам седница кога таа дента закажала седница, без таа точка на дневен ред”.

    Патем, дека оваа работа се законот ќе се развлече бескрајно, зборува и фактот дека тој побарал да се разгледа на  друга комисија, односно Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, за отворени прашања кои порано биле арбитрарно решавани.

    „Ќе викнеме и експерти, јавно ќе се отвори прашањето за колизија меѓу членови на Деловникот. Дури да се донесе нов Деловник, ќе се водиме од тие заклучоци“, рече Гаши и потврди дека може да се зборува и за овој деловнички ‘спор’ со Даути.

    На брифингот тој ја критикуваше Владата што го бомбардира Собранието со закони по брза постапка, без давање можност за дебатирање.

    „Имаме поголем број закони по скратена постапка и тоа не е добро за Собранието. Претстои битка околу ова, јас на Владата ѝ кажав дека ова не е добро”, рече тој.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира