Малку недостасувало трагично да заврши натпреварот од Третата фудбалска лига Запад помеѓу екипите на Речица и Доброште.
Во 50. минута од натпреварот, 20-годишниот фудбалер на Речица, Блертон Шабани, високо скокнал по една нафрлена топка, ја зафатил топката со глава и паднал, при што удрил со главата од теренот. Почнал тешко да дише и да губи свест поради голтање на јазикот како последица на падот. Во непосредна близина се нашол судијата Дарко Радески, кој веднаш видел дека нешто не е во ред со фудбалерот, па го прекинал натпреварот и му пружил прва помош, со што му го спасил животот.
„Јас ја следев топката и за среќа, бев во непосредна близина кога забележав чуден звук и видов дека фудбалерот е во несвест и се бори за воздух. Свирнав двапати за да го прекинам натпреварот, го фатив за вилицата и му го извадив јазикот, по што тој почна нормално да дише. Потоа си дојде на свест“, изјави Радески.
Напомош притрчале и лекарите и стручните лица од двете екипи, па Шабани за кратко време повторно бил на нозе и излегол од теренот со аплауз од публиката. Натпреварот потоа продолжил и завршил со победа на Доброште со 1:0.
З. АНДОНОВ