ЧИФЛИГАНЕЦ ПОЧНА ДА ГРАДИ ЗГРАДИ СПРОТИ „ИСТ ГЕЈТ“ ВО СКОПЈЕ НА ПОВРШИНА ОД 33.724 МЕТРИ КВАДРАТНИ, МАКСИМАЛНАТА ВИСИНА СПОРЕД ПЛАНОТ Е 18 КАТА

    ЧИФЛИГАНЕЦ ПОЧНА ДА ГРАДИ ЗГРАДИ СПРОТИ „ИСТ ГЕЈТ“ ВО СКОПЈЕ НА ПОВРШИНА ОД 33.724 МЕТРИ КВАДРАТНИ, МАКСИМАЛНАТА ВИСИНА СПОРЕД ПЛАНОТ Е 18 КАТАИздадената градежна дозвола е според параметрите од новиот ревидиран ДУП кој беше донесен во јули лани и со него се предвидува двојно помала површина за градба. (Фото: СДК.МК)

    Фирмата „Адора инженеринг“ на бизнисменот Ванчо Чифлиганец почна да гради станбено-деловен објект на паркингот спроти трговскиот центар „Ист гејт“ во Скопје. Паркингот од пред неколку дена е заграден со тараби и се подготвува старт на градежните работи, откако на 27 септември Општина Центар му издаде градежна дозвола на градежникот.

    Според Деталниот урбанистички план (ДУП) Крњево 2, максимално дозволена висина на објектот е приземје плус 18 ката. Издадената градежна дозвола е според параметрите од новиот ревидиран ДУП кој беше донесен во јули лани.

    „На оваа парцела е предвиден објект со намена А2 односно домување во станбени згради со можност за компатибилни намени Б1-мали трговски единици, Б4-деловни простори и  Б2-големи трговски единици максимум до 40 посто. Согласно параметрите од ДУП  максималните дозволени вредности за бруто изградена површина се 33.724 метри квадратни, а дозволена катност во различни делови од објектот се П+7, П+1, П+18“, велат од Општина Центар.

    За изградбата на објектот уплатени се комуналии од околу 4,5 милиони евра од кои 40 отсто или 1.8 милион евра на Општина Центар, а останати 60 отсто или 2,7 милиони евра на Град Скопје.

    Чифлиганец имаше поднесено барање за добивање градежна дозвола во јуни 2021, според стариот план кој дозволуваше дупло поголема површина за градба и формирање бетонски ѕид, но беше одбиен.

    Како што соопштија од Општина Центар лани при носењето на новиот ДУП, проектирана е намалена површина за градба и разбиен е огромниот бетонски објект.

    „Наместо ѕид без прекин на северната страна од 5 споени објекти, кој предвидуваше висина од 19 метри и должина од вкупно 151 метар, во новиот план вцртан е разбиен ѕид на 2 дела од 56 и 68 метри со простор меѓу нив, каде секој дел е составен од по 3 споени објекти. Стариот план предвидувал и ѕид без прекин на јужната и источната страна, со висина од 42 метри и должина 206 метри кој бил оформен од 1 објект и кој фрлал сенка на целата населба. Во новиот план целосно е ослободена јужната страна во делот каде големиот комплекс се доближуваше најмногу до другите објекти и од каде фрлаше најмногу сенка врз населбата, а развиената површина на објектот е намалена од 57.456 м2 на 33.724 метри квадратни. Севкупно, развиената површина на објектите за домување во ДУП-от Крњево 2 е намалена од 144.931 метри квадратни на 93.640 метри кавдартни односно за 35 отсто“, соопштија од Општин Ценатр при носењето на новиот ДУП.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира