ПАТОТ ПРИЛЕП-БИТОЛА, КАДЕ ЗАГИНАА МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА, ЖИТЕЛИТЕ ГО ВИКААТ ХОРОР ДЕЛНИЦА И ВОЗЕЊЕТО Е РУСКИ РУЛЕТ

    ПАТОТ ПРИЛЕП-БИТОЛА, КАДЕ ЗАГИНАА МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА, ЖИТЕЛИТЕ ГО ВИКААТ ХОРОР ДЕЛНИЦА И ВОЗЕЊЕТО Е РУСКИ РУЛЕТПатот не е доволно широк, со голем број на возила, од кои добар дел товарни, со приклучни патишта од околните села. (Фото: СДК.МК)

    Знамињата пред општинската зграда во Прилеп, на влезовите од градот и на јарболот во центарот денеска се на половина копје. Прилеп го прогласи 4 октомври  за Ден на жалост поради сообраќајна несреќа во која вчера загинаа три медицински лица на магистралниот пат Битола-Прилеп.  Додека патуваа на работа за болницата „Плодност“ во Битола загинаа прим. д-р Александар Ристески, специјалист-радиолог, д-р Никола Василески гинеколог и Фанче Јованоска, радиолошкиот технолог.

    Денеска во Прилеп се откажани сите културни и спортски манифестации во општината, а локалната власт апелираше да бидат откажани јавни и приватни прослави и забави, партиски и друг тип промоции. Угостителските објекти и локалните радиодифузери денеска ќе ја прилагодат музиката според денот на жалоста.

    Денеска во болницата „Плодност“ во 12 часот ќе се одржи комеморација за починатите колеги.

    Сообраќајната несреќа се случи вчера нешто пред 8 часот на магистрачниот пат Битола-Прилеп, кога дојде до судар на патничко возило „тојота“ со прилепски регистарски ознаки во кое патуваа прилепските медицински лица и товарно возило „волво“ со скопски ознаки. Причините за несреќата се утврдуваат. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатите, сите патници во автомобилот, како и за испитување на примероци од крв и урина од возачот на камионот.

    По несреќата, граѓаните реагираат дека со децении не се изгради соодветна и побезбедна патна инфраструктура на делницата Битола-Прилеп која ќе одговара на фреквенцијата на возила која е голема. Патот не е доволно широк, со голем број на возила, од кои добар дел товарни, со приклучни патишта од околните села. Туристичкиот работник Горан Пинза патот го нарече хорор делница по која возењето наликува на руски рулет.

    „Секој ден по тој пат се движат илјадници возила, се случија стотици несреќи со човечки жртви. Како не им е срам, жал, како не осетија барем малку човечност да направат нормален пат во 30 години? Збораме за низина, без ниеден тунел или свлечиште, ниедна нерамнина. Срам и образ нула. Нема тука партија, има колективна неодговорност од сите кои досега можеа и требаа. За жал, ние ќе продолжиме по хорор делницата небаре играме руски рулет… до идната несреќа, новите жртви и стотото ветување за нормален пат или новиот камен темелник“, вели Пинза.

    Пред една година, поранешната власт го најави почетокот на изградба на автопатот Битола-Прилеп чиј изведувач требаше да биде „Бехтел и Енка“. Потоа, жителите од прилепското село Ореовец излегоа на протести зашто со минирањето на патот им се уриваат куќите, а во опасност, како што беше кажано, беа и изворите на питка вода во Прилеп. Изградбата на патот е запрена.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира