УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО ВЕЛЕШКОТО ШКОЛО „МАЦА ОВЧАРОВА“ ДОБИЈА ЛИФТ ПО 15 ГОДИНИ ЧЕКАЊЕ

    УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО ВЕЛЕШКОТО ШКОЛО „МАЦА ОВЧАРОВА“ ДОБИЈА ЛИФТ ПО 15 ГОДИНИ ЧЕКАЊЕИзминатите декада и пол, овие ученици учеа во изнајмена училница во приземјето на зградата (Фото: СДК.МК)

    Основното училиште „Маца Овчарова“ во Велес со ресурсен центар, кое згрижува ученици со атипичен развој, доби лифт. После 15 години конечно е решен проблемот, па децата со попреченост можат да посетуваат настава со нивните соученици на третиот кат, каде што се сместени просториите на училиштето.

    „Училиштето е формирано во 1973 година и тогаш било наменето за деца со лесна попреченост. Тоа е причината што е оформено на третиот кат од зградата на тогашното ОУ ‘Благој Кирков‘. Со промените кои следат, во образовниот процес се вклучуваат деца со други форми на попреченост, со Даунов сиднром, аутизам, но и со телесен инвалидитет. Затоа се појави потреба да се постави лифт за нив. Меѓутоа, изнаоѓањето средства во изминатите 15 години беше проблем, сѐ до 2022, кога Министеството за образование ги одобри. После чекање од 15 години оваа есен го имаме лифтот, кој значи многу за учениците со телесен инвалидитет“, кажа директорката Мирјана Петрушевска.

    Изминатите декада и пол, овие ученици учеа во изнајмена училница во приземјето на зградата, сопственост на ОУ „Благој Кирков“.

    „Имаше ситуации кога некое дете морало да се качи на третиот кат и тогаш напомош доаѓале колегите, кои на раце го пренесувале ученикот. Од оваа година сите деца имаат можност да ги користат наставните помагала кои се на располагање на училиштето и да не бидат одвоени. Меѓутоа, лифтот нема да го користат само нашите ученици, туку и учениците кои се вклучени во редовната настава во ОУ ‘Панко Брашнар‘. Згора на тоа, од 2022 во нашето училиште на логопедски третман или за користење на сензорната соба доаѓаат и ученици кои се инклузирани во редовната настава во сите училишта во Велес“, рече Петрушевска.

    ОУ „Маца Овчарова“ со ресурсен центар лани одбележа 50 години постоење и е едно од неколкуте во земјава каде што настава посетуваат деца со атипичен развој.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира