ЗА ДА ИСТРЧАШ 160 КИЛОМЕТРИ НА ПЛАНИНА ТРЕБА ЈАК ТРЕНИНГ И ГОЛЕМА УПОРНОСТ, ВЕЛИ УЛТРАМАРАТОНЕЦОТ ЖИКИЦА ИВАНОВСКИ ПО ПЕТТАТА ТРКА

    ЗА ДА ИСТРЧАШ 160 КИЛОМЕТРИ НА ПЛАНИНА ТРЕБА ЈАК ТРЕНИНГ И ГОЛЕМА УПОРНОСТ, ВЕЛИ УЛТРАМАРАТОНЕЦОТ ЖИКИЦА ИВАНОВСКИ ПО ПЕТТАТА ТРКАИвановски последната трка на 160 км ја имаше минатиот месец на Пирин Планина во Бугарија, која по многу ултрамаратонски параметри се смета за една од најтешките во Европа. (Фото: Приватна архива)

    Еден од најдобрите македонски ултрамаратонци, Жикица Ивановски од Штип, ја истрча својата петта трка на 100 милји (160 километри) како што стои во меѓународниот календар на ултрамаратоните и се вбројува меѓу најдобрите светски ултрамаратонци. Последната трка на 160 км ја имаше минатиот месец  на Пирин Планина во Бугарија,  која по многу ултрамаратонски параметри се смета за една од најтешките во Европа, заедно со патеките во Андора и францускиот дел на ултрамаратонот на Мон Блан.

    Од двајца македонски претставници на оваа тешка и мошне престижна трка со патека на карпест терен од 160 километри, финишираше само 40-годишниот Ивановски и на  целта пристигна 11. по ред со време од 37 часа и 27 минути.

    Во 2012, Жикица Ивановски и Трајче Панковски беа првите македонски ултрамаратонци кои се квалификуваа за учество на неофицијалното светско првенство во планинско трчање – Ултра трејл Мон Блан (УТМБ). (Фото: Приватна архива)

    „За одбележување е што оваа трка ја завршија само 38 ултрамаратонци, останатите 39 се откажаа. Првите три места го освоија домашните ултрамаратонци кои добро ја познаваат патеката и на неа се подготвувале подолго време. Најуспешен со рекорд на патеката беше Димитар Атанасов со време од 27 часа и 21 минута, додека сите останатите поминати учесници имавме време над 30 часа, а некои и повеќе од 40, а временскиот лимит за успешна трка која се бодува е 50 часа“, вели Ивановски.

    Покрај него, во оваа најелитна трка на Пирин учествуваше и вториот македонски претставник, Антонио Каранфилоски од Прилеп, но тој  се откажал некаде на половина на патеката по истрчани околу 80 километри.

    Во 2014, Светлана Стојаноска, Жикица Иванoвски и Јовица Јованчев станаа првите македонски ултрамаратонци кои истрчаа 168 км на трката на Мон Блан, и со тоа се запишаа во атлетската историја на земјава. (Фото: Приватна архива)

    Ивановски е еден од пионерите планинското трчање во Македонија. Вели дека пример и узор за ултрамаратоните му бил реномираниот  македонски ултрамаратонец, искусниот Трајче Панковски од Скопје, и токму од него се „заразил“ со ваков вид на трчање за што многу му е благодарен. Во 2012, тој и Панковски беа првите македонски ултрамаратонци кои се квалификуваа за учество на неофицијалното светско првенство во планинско трчање – Ултра трејл Мон Блан (УТМБ). Требаше да трчаат 168 километри, но поради големо невреме, организаторот ја скуси патеката на 106 км кои Ивановски и Панковски ги истрчаа и успешно ја завршија трката.

    Во 2014, Ивановски, Светлана Стојаноска и Јовица Јованчев станаа првите македонски ултрамаратонци кои истрчаа 168 км на трката на Мон Блан, и со тоа се запишаа во атлетската историја на земјава. Светлана Стојаноска тогаш стана првата жена од Македонија која истрчала ултрамаратонски 168 км.  Токму на Мон Блан, по трката Ивановски ја запроси Стојаноска, оттогаш живеат во Штип со петгодишната  ќерка Марта.

    Трките на Пирин Планина секогаш се атрактивни, меѓу другото и поради силната конкуренција како што беше и последната, на која учествувале 87 натпреварувачи од дваесетина земји во светот, меѓу кои ултрамаратонци од САД, Канада, Јапонија и од повеќе европски земји, најмногу од  домаќинот, Бугарија. Ивановски вели дека на традиционалниот ултрамаратон на Пирин, девети по ред  на 160 километри, имало и кратки трки на 38 и на 25 километри. Македонски учесници имало само на 38 километри, каде во женска конкуренција победи Елена Р’тоска од Прилеп со време од 6 часа и 27 миниту, додека во машка конкуренција вицешампион стана нејзиниот сограѓанин Александар Стојкоски со време од 5 часа и 1 минута при што првопласираниот целта ја поминал неполни две минути пред него.

    „Во секој спорт, но посебно во ултрамаратоните, за да биде учесникот во топ форма мора да има посебен режим во секојдневниот тренинг, стабилна психолошка состојба, голема желба за успех и секако секојдневна поддршка од пошироката фамилија. Исто така, многу е важна и исхраната, па јас како вегетеријанец главно користам овошје и зеленчук“, вели Ивановски.

    Тој за цело време на сите досегашни трки ја има поддршката од своето потесно семејство, родителите, брат му и сопругата и ќерката. На последниот маратон на Пирин со него цело време бил татко му Глигор Ивановски, кој и денес на свои над 70 години редовно рекреира, трча и вози велосипед.  И двајцата како дипломирани економисти имаат свое економско биро во Штип, но работат за цела Македонија, па и странство. Глигор Ивановски е и економски судски вештак. До судот, Општината или до некоја друга институција во градот и Глигор и Жикица исклучиво одат пеш, многу често релациите и ги претрчуваат или ако мора побрзо возат велосипед, никако кола.

    Жикица вели дека само со голем тренинг, со максимални физички предиспозиции и голема упорност и желба, успеал да ги истрча тешките ултрамаратони.

    Трките на Пирин Планина секогаш се атрактивни, меѓу другото и поради силната конкуренција како што беше и последната, на која учествувале 87 натпреварувачи од дваесетина земји во светот, меѓу кои ултрамаратонци од САД, Канада, Јапонија и од повеќе европски земји; – На Пирин со второпласираниот ултрамаратонец од Бугарија и вториот македонски ултрамаратонец Антонио Каранфиловски од Прилеп. (Фото: Приватна архива)

    „Пиринскиот ултрамаратон стартуваше од центарот на Банско во 6 часот. Трчавме цел ден и цела ноќ, дури и наредниот ден, па на целта пристигнавме пред второто зајдисонце, пред 20  часот. Имавме неколку висински разлики и поголем дел трчавме под најголемиот врв на Пирин, Вихрен. Критериумите се со ваквите планински удолнини и угорнини да имаме истрчано до 10.000 метри висинска разлика со тешки успони од кои неколку километри ги трчавме на надморска височина над 2.600 метри“, вели Ивановски .

    Тој додава за тежината на патеката дека планинискиот терен е мошне незгоден, на места е опасен, со  карпи и не се знае на какви пречки ќе се наиде и какво време ќе послужи, дали јако сонце или на места локални дождови, затоа што се работи за трка во која учесниците доживуваат речиси две деноноќија со големи временски разлики и температурни амплитуди.

    „Трчаме според меѓународните правила и прописи. Во ранецот на грбот мора да се носи јакна против дожд, посебни капи и задолжително две специјални лампи на чело, едната како разерва за вечерното трчање. Оваа опрема сами си ја набавуваме и ја бараме најдобрата за да имаме јака светлост за трчањето преку ноќта“,  вели Ивановски  и додава:

    „Организаторот ништо не оставил на случајноста па подготвил повеќе контролни пунктови на секои 15 до 20 километри  што значи дека ние имаме можност некаде за околу пет часа трчање малку да одмориме, да се освежиме и секој со својата борба за подобро време да тргне кон наредниот контролен пункт“.

    Ивановски е успешен и во триатлон. Досега финиширал на олимпискиот триатлон на Власинско Езеро во Србија каде успеал да ја помине патеката од 1.500 метри со пливање, 40 километри со велосипед и 10 километри планинско трчање. Учествувал и на последниот триатлон што се одржал во Дојран каде патеката била половина од олимписката, но тој ја поминал  со рекордно време.

    Ултрамаратонецот вели дека ќе трча сѐ додека може .

    „Ваквиот живот на мене и на семејството ни е влезен во крвта и ќе трчаме сѐ додека можеме. Најмногу ме радува и нашата ќерка исто така сака да трча со нас. Тројцата ќе бидеме дел и од 10. издание на штипската планинска треил трка на 18 километри „Струмина“, која на 24 ноември ќе се трча околу месноста Струмина Чешма и познатиот штипски рид Клисибаир. Ние сме и во организацијата на трката на која секоја година бројот на учесниците се зголемува и сега се пријавени над 100 планински тркачи“, вели Ивановски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира