ГАЗА Е ВО РУИНИ ПО ЕДНА ГОДИНА ВОЈНА, МОЖЕБИ НИКОГАШ НЕМА ДА МОЖЕ ДА СЕ ОБНОВИ

    ГАЗА Е ВО РУИНИ ПО ЕДНА ГОДИНА ВОЈНА, МОЖЕБИ НИКОГАШ НЕМА ДА МОЖЕ ДА СЕ ОБНОВИУништувањата во Кан Јунис по израелската воздушна и копнена офанзива (Фото: АП)

    Појасот Газа е во руини една година откако борците на Хамас извршија досега невиден упад во Израел, поттикнувајќи војна која го загрозува целиот Блиски Исток. Таму каде што некогаш имало згради сега се ридови од бетон, градските улици се разурнати и претворени во кратери и на многу места воздухот е исполнет со смрдеа на неоткриени лешеви.

    Едногодишната израелска офанзива против Хамас, една од најсмртоносните и најуништувачки војни во поновата историја, однесе речиси 42.000 животи, од кои повеќе од половина се жени и деца, според локалните здравствени власти. Бидејќи не се наѕира крај на војната, невозможно е да се каже кога и дали воопшто Газа повторно ќе биде изградена.

    И да има примирје, половина од семејствата ќе нема каде да одат (Фото: АП)

    Дури и ако борбите запрат, стотици илјади луѓе со години би можеле да живеат во кампови со шатори. Експертите сметаат дека обновата на Газа би траела со децении.

    Израел вели дека целта на војната е целосното уништување на Хамас, обвинувајќи ја групата дека ја изградила својата воена инфраструктура, вклучувајќи стотици километри тунели, под густо населените области, каде што се водат тешки борби.

    Една четвртина од сите структури во Газа се уништени или сериозно оштетени, според проценката на Обединетите нации од септември. Околу 66% структури, вклучувајќи над 227.000 станбени единици, претрпеле некаква штета.

    И да има примирје, половина од семејствата ќе нема каде да одат“, кажа Алисон Ели, координаторка на организацијата „Шелтер кластер“, која обезбедува помош за Газа.

    Се проценува дека уништувањата во Газа создале 40 милиони тони отпад (Фото: АП)

    Кори Шер и Јамон ван ден Хук, американски истражувачи кои ги документираат уништувањата од војните со помош на сателитски радар, велат дека во Газа се уништени или оштетени речиси исто толку згради како во Украина за повеќе од две и пол години војна. Газа, инаку, е помалку од двојно помала од Киев.

    Обемот на уништувањето во централна и јужна Газа е рамно на она во Бахмут. Во северна Газа е уште полошо“, кажа Шер.

    Се проценува дека уништувањата во Газа создале 40 милиони тони отпад и дека би требале 15 години само за да се расчисти сето тоа. Богатите арапски земји кажаа дека ќе придонесат за обнова на Газа само доколку поствоен договор доведе до формирање палестинска држава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира