АЛЕКСАНДАР ОД ПРВ МОМЕНТ ТВРДЕШЕ ДЕКА ВАЊА Е КИДНАПИРАНА, СВЕДОЧЕШЕ МАЈКАТА ЗОРИЦА ЃОРЧЕВСКА

    АЛЕКСАНДАР ОД ПРВ МОМЕНТ ТВРДЕШЕ ДЕКА ВАЊА Е КИДНАПИРАНА, СВЕДОЧЕШЕ МАЈКАТА ЗОРИЦА ЃОРЧЕВСКАРодителите на убиената Вања Ѓорчевска, Зорица и Александар, на денешното судење во Основниот кривичен суд Скопје. (Фото: К. Попов)

    Со тешки чекори, мајката на убиеното девојче Вања Ѓорчевска, Зорица, дојде на пултот за сведоци во судницата во Основниот кривичен суд Скопје, на судењето за двојното убиство во ноември минатата година.

    Настанот се случи на улицата „Наум Наумовски Борче”.

    „Во овој стан живеевме само два месеца. Претходно живеевме на улица ‘Славе Деловски’, кој e мој стан. Тој на ‘Н. Н. Борче’, беше мој, па го дадов на мојот маж Александар Ѓорчевски, а потоа пак премина во моја сопственост. Тој инсистираше да биде префрлен на негово име, за ако нешто се случи, децата да имале оставина.Тоа беше во 2018 година. Бидејќи децата сакаа да живееме таму, јас побарав да се префрли на име на децата, односно на мое име, како нивни старател”, одговараше мајката на Вања пред обвинителката, најпрво околу имотните односи со поранешниот сопруг Александар Ѓорчевски, обвинет за помагање во киднапирањето на неговата сега покојна Вања.

    Потоа таа одговараше за неуспешната постапка за префрлување на станот на „Славе Деловски”.

    „Ја почнавме постапката, се согласи и Александар едниот стан да биде препишан на едното, другиот на другото дете. Тој беше и на нотар. Но таа заверка никогаш не беше завршена. Се преселивме и јас престанав да инсистирам”, кажа мајката.

    „Тој стан на ‘Н. Н. Борче’ јас го користев. Почнав да правам 2 детски соби внатре, нарачавме мебел и во септември се преселивме таму. Станот претходно го раководеше Александар, имаше станар, тој ја земаше киријата. Јас во моја сопственост имам уште 3 стана, што ги наследив од родителите. Од тие два се во Скопје, третиот е во Охрид”, рече Зорица Ѓорчевска.

    Во продолжение, таа рече дека тој ден околу 7.20 часот Вања излегла за на училиште.

    „Околу десет за осум излегувам пешки за на работа. Гледам порака од класната: Вања ја нема на прв час! Веднаш се јавив, не беше достапна На ‘Гугл мапс’ видов дека таа е на Партизанска, во близина на ‘Фитнес Хаус’. Се јавив на Александар, дека Вања ја нема“, сведочеше мајката.

    „Што да правам, викав, му реков доаѓам накај тебе, симни се. Се симна, јас се јавив во 8 часот во полиција дека детето го нема. Се упативме пред ‘Фитнес Хаус’, пребаравме една напуштена куќа. Дојдоа полицајците, се јавив по роднините. Започна потрагата”, одговараше мајката на прашањата на обвинителкатаа.

    Таа се задржа на однесувањето на таткото.

    „Тој беше веќе облечен и симнат доле. Не е вообичаено така брзо да се подготвува. Обично доцнеше. Сега беше спремен доле. Беше потиштен. Јас цело време се правдав не знам каде е детето. Не се скарав. Не знам што се случи сабајлето”, сведочеше мајката.

    Пред Соборниот храм на полицијата ѝ давала податоци.

    „Колегите телеоператори добија службен налог да бараат дали од некаде пак ќе прозрачи мобилниот на Вања. Потоа ја зедов помалата ќерка Миња од училиште, плачеше: ‘Каде е Вања?’. Гледавме на интернет да не ни пишала нешто. Дојдоа колегите, гледавме на безбедносни камери по патеката кај што вообичаено оди, ја немаше. Кога ја земав Миња, не беше тука Александар. Тој со еден полицаец отиде на локацијата, а јас со Миња дома во станот”, кажа Зорица.

    Неа ѝ паднало во очи и тоа дека веднаш рекол оти ќерка му е киднапирана.

    „Од првиот момент тврдеше дека Вања е киднапирана. Дека нема што друго да биде”, рече мајката и продолжи да одговара на деталните прашања.

    Децата вообичаено оделе заедно на училиште.

    „Во петоците помалата ќерка почнуваше од вториот час и Вања одеше сама. На 27.11. 2023, критичниот ден, класната на помалата пиша дека ќе отсуствува, за да дојдат на втор час. Јас не го известив за тоа, туку помалата ќерка го известила татко ѝ кој се интересирал”, одговори Мајката.

    По мајката на убиеното девојче, меѓу првите сведоци се повикани и роднини на убиениот Жежовски, односно Ана Киркова и Тодор Кирков.

    Првообвинет е Љупчо Палевски, а покрај таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, обвинети соизвршители за две свирепи убиства се и Влатко Кешишов и Боре Видевски и Велибор Манев.

    Според обвинението, прво на 22.11.2023 овие соизвршители заедно со Палевски извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

    Обвинетите отишле до куќата на Жежовски, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано Рудник во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.

    На 27.11.2023, обвинетите и осомничениот, помогнати од четвртиот обвинет, таткото на Вања, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски Борче во Дебар Маало во Скопје .

    „Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете. Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи ѝ се да не вика, затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано Дупки, во атарот на селото Бразда“, тврди Обвинителството.

    До планираниот откуп воопшто и не дошло. Вања веднаш ја убил Палчо, така вели обвинителството, но и сите останати обвинети, освен таткото, кој негира учество во киднапирањето на неговата 14-годишна ќерка.

    „Во Дупки во Бразда, на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот Палевски ѝ нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка. Потоа, на нива покрај земјен пат во атарот на истото село го запалиле автомобилот ‘цитроен’ со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите“, стои во обвинението.

    И покрај негирањето на таткото на Вања за вмешаност во киднапирањето, сепак Обвинителството остро го вперува прстот во него и тврди дека има докази за таткото за соучесништво во киднапирањето на неговото дете, кое по само три часа завршило со смрт.

    Според обвинението, киднапирањата и убиствата се извршени од користољубие. Вања требало да биде откупена според планот, од мајка ѝ. Деталните докази обвинителот ќе ги презентира на судењето и ќе ѝ го даде одговорот на јавноста: „Ако била киднапирана за изнуда на пари, зошто веднаш ја убиле Вања?“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира